„Драги пријатели, нашиот редовен проект, бесплатениот летен камп за деца во социјален ризик, Шарено лето, кој постои од 2017 година, и каде стотици деца го доживеаа својот прв летен одмор, оваа година за прв пат не е поддржан од Град Скопје. Неговото оддржување за првпат е неизвесно“ – напиша пејачката и хуманитарка Кристина Арнаудова на својот Фејсбук профил.
Во врска со нејзината објава на Фејсбук за недобивањето средства од Град Скопје за бесплатниот летен камп за деца во социјален ризик, Шарено лето, Цивил, како организација за човекови права побара изјава од Арнаудова, во која таа вели:
„Видете, тие имаат секакво право да не одобрат проект. И не ги осудувам заради тоа. Како здружение сме биле одбиени многу пати од разни конкурси. Но во конкретниов случај се работи за докажан и уникатен проект кој носи многу добри резултати кај децата во социјален ризик и кај децата жртви на булинг (тоа се децата кои учествуваат на кампот) од аспект на социјализација на тие деца, рушење на предрасуди кои ги имаат, прифаќање од општеството каде често се отфрлени…“ – изјави Арнаудова.
Според неа, одлуката е „чудна и дискутабилна“, особено затоа што проектот доаѓа од позната македонска граѓанска организација.
„Затоа, одлуката ми беше чудна и дискутабилна. Особено заради тоа што Проект Среќа е македонско здружение, кое е релевантно и зад себе во 6 години, колку што постоиме, имаме успешна реализација на 30-ина проекти, кои јавноста добро ги знае и ги поддржува“ – вели Арнаудова.
Организацијата што ја предводи Арнаудова ѝ е позната на донаторската заедница.
„Исто така, ние не сме голема организација која добива средства од надвор од земјава и од многу извори, па сметам дека комисијата требало да го има тоа во предвид. Треба да се поддржат македонски здруженија кои се борат во ова тешко време“ – вели Арнаудова.
Сепак, хуманитарката и лидерка на проектот, Арнаудова, не се предава.
„Секако ќе најдам начин, заедно со граѓаните кај кои имаме огромна доверба, тој камп да се одржи повторно“ – изјави Арнаудова.
ЦИВИЛ ги повикува институциите, донаторската заедница и филантропите да помогнат „Шареното лето“ да продолжи со постоење и да ги усреќи децата и оваа сезона.