26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Битиќи: Северна Македонија е атрактивна за инвестиции кои ќе донесат просперитетна иднина

Заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска се обрати на настанот на првата трговска мисија на компании од Република Грција во Република Северна Македонија, во организација на Американската Стопанска Комора во Северна Македонија и Американско-грчката стопанска комора.

На настанот, покрај вицепремиерот Битиќи, се обратија и амбасадорката на Соединетите Американски Држави во нашата зема Кејт Мари Брнз, и Дејвид Бургер, заменик шеф на мисијата во Амбасадата на САД во Република Грција.

Првата трговска мисија на компании од Република Грција во Република Северна Македонија, во организација на Американската Стопанска Комора во Северна Македонија и Американско-грчката стопанска комора собра повеќе од 30 компании од двете земји пред кои беа презентирани можностите за соработка и проширување на нивните потенцијали за развој врз основа на погодностите за инвестирање кои ги нуди нашата земја, преку различните програми за државна помош и преку Законот за стратешки инвестиции.

„Додека гледаме раст на економската соработка меѓу двете земји, уверен сум дека има многу потенцијал за дополнително проширување и се надевам дека денеска ќе ги отвориме вратите преку споделување идеи и можности за инвестирање. Оваа Влада гледа на бизнис секторот и на инвеститорите во нашата земја како на партнери. Градиме силни и искрени односи и тоа носи резултати“, истакна Битиќи.

Потсети дека пред неколку години, како што рече, ги избришавме разликите меѓу домашните и странските компании.

„Сите компании кои работат во нашата земја добиваат исти можности. Да се аплицира и да се добие државна помош е процес кој е целосно отворен и транспарентен. Секоја компанија, секоја засегната страна е однапред свесна за поддршката што може да ја очекува при инвестицијата. Ова создава предвидливост и стабилност за водење бизнис во нашата земја и што е најважно, создава добра бизнис клима за инвеститорите, што ги поместува нашите граници и ја става Северна Македонија на мапата на земји со најатрактивна средина за инвеститори“, рече Битиќи.

Според него, бидејќи сме на прагот на Европската Унија, нудиме единствена можност за пласирање на пазарот, како и силни синџири на снабдување кои можат да се шират низ регионот на Западен Балкан.

„Мојата надеж и визија за нашиот регион во овој пост Ковид период лежи во капитализирање на целосниот потенцијал на хармонизирање на економиите со соседните земји (Near-shoring) што се покажа како неопходност за време на пандемијата. Кога далечните меѓународните добавувачи не успеаја да испорачаат, она што стана очигледно повеќе од кога било се можностите им потенцијалот на регионалните синџири на вредности кои можат да генерираат економска стабилност и раст за сите.
Заедно можеме да создадеме визија и да направиме просперитетна и одржлива иднина за нашиот регион и нашите граѓани“, нагласи тој во своето обраќање.