Кибер-нападите се данокот за брзиот глобален технолошки развој. Од друга страна, напредната технологија нуди поразновидни и поевтини услуги во финансискиот сектор. Со цел да се искористат предностите што ги носи финтек-секторот, потребно е да му се обрне поголемо внимание на развивањето соодветен систем и механизми за успешен одговор на кибернападите. Денеска, во Народната банка беше организирана работилница со новинарите на тема „Кибер-безбедност во финансиите“, на која присуствуваше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
„Во текот на последните две децении финансискиот систем значително се измени со појавата на интернетот и користењето на новите информациски технологии. Новите технологии и дигитализацијата доведоа до забрзување на економскиот раст и напредок. Но, брзото проширување на мрежите и технологиите, отворањето на ИТ-системите кон надворешни платформи за комуникација, сѐ повисокиот износ на електронски трансакции доведоа до појава на нов тип на опасност, наречен кибер-ризик. Поновите анализи на глобално ниво посочуваат дека финансиските институции се поверојатна цел на напади за 300 пати во однос на другите институции“, посочува Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката вели дека поради овие закани, не треба да се занемарат придобивките што ги носи финтек-секторот, туку дека треба да се гради систем од страна на банките и нивниот регулатор, кој соодветно ќе им одговори на предизвиците.
„Следејќи ги меѓународните стандарди, постојано ги јакнеме регулаторните барања што треба да ги исполнуваат банките, а се однесуваат на јакнење на информациската безбедност. Ова уште повеќе ќе добие на тежина со усвојувањето на новиот закон за платежни услуги, кој позначително би ги поттикнал дигиталните иновации во финансискиот сектор, а со тоа и потребата за заштита од кибер-ризици. Исто така, постојано ги јакнеме и супервизорските капацитети на Народната банка во овој сегмент заради што неодамна формиравме и посебна дирекција за ИТ-супервизија“, вели Ангеловска-Бежоска.