23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Регионалната соработка носи стабилност во време на кризи, иднината ни е заедничка и европска​

​Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес учествува на експертска тркалезна маса „Регионална соработка за европска интеграција“, организирана во рамките на иницијативата „Балкански дијалози“, на која во својот говор истакна дека регионалната соработка е реалност и сега како никогаш досега мора регионот да се обедини за полесно надминување на предизвиците со кои се соочуваме и ние, а и Европската Унија.

„Добрата соработка и постојаната комуникација на разчни основи се вредности на регионалните иницијативи, но секако не се замена за европската интеграција, туку потпорен столб и катализатор на регионалната соработка, што треба да доведе до подинамичен процес на европска интеграција. Во време на глобални промени подготвени сме да се приспособуваме, но не сме подготвени и не сакаме да ги менуваме нашите стратешки цели, затоа отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија е наш најголем приоритет“, рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека нема алтернатива за полноправно членство во Европската Унија и дека треба да ги започнеме преговорите што е можно побргу бидејќи ние го реализиравме нашиот дел и повеќе од што се очекуваше, сега е време ЕУ да го направи својот чекор напред.

„Потребни ни се храбри одлуки за да се врати во фокус најуспешната политика досега, а тоа е политиката за проширување, земајќи го предвид потрошеното време чекајќи да се активира процесот на интеграција на Западен Балкан во Унијата“, заклучи Маричиќ.

Во рамките на панелот „Сонот и реалноста на еден европски регион“, Маричиќ рече дека и Северна Македонија и Албанија избраа страна, и таа е јасна, дека стојат заедно со своите евро-атлантски партнери, како членки на НАТО и аспиранти за полноправно членство во ЕУ – усогласувајќи се целосно со безбедносните и надворешните политики на ЕУ.

„Никој не помислуваше дека денес овде ќе треба да дебатираме за перспективите за интеграција во ЕУ на Западен Балкан во време на кризи бидејќи перспективата обично е неизбежна со мир и просперитет. Денес, за жал, сме сведоци на конфликти на почвата на Европа, со последици и за Европската Унија, но и за нас земјите од регионот. Затоа е важно да се заврши обединувањето на континентот, да се направи посилен и поотпорен на какви било сегашни или идни закани“, рече Маричиќ.