23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

30 години од воведувањето на денарот и самостојноста на Народната банка

Годинава земјата ќе одбележи 30 години од монетарното осамостојување.

„Пред 30 години, на 26 април, беа поставени основите на монетарната самостојност: беше воведен денарот како наша парична единица, којашто го замени тогашниот југословенски динар, а Народната банка почна да функционира како самостојна централна банка. Со ова беше целосно заокружена независноста на нашата држава“, посочуваат од Народната банка.

Од таму додаваат дека низ годините, вработените на Народната банка со многу посветеност и визија работеле на градењето на стабилна домашна валута и современа, кредибилна и меѓународно призната, независна централна банка.

„Додека ја чуваме стабилноста на денарот и финансиската стабилност, истовремено се ориентираме и кон иднината, по примерот на најголемите централни банки. Нашите идни активности се насочени и кон овозможување подобри и поевтини банкарски услуги преку финтек-секторот, имајќи ја предвид и кибербезбедноста. Понатаму, нашата заложба ги опфаќа и зелените финансии, бидејќи сите носители на политиките треба да бидат свесни дека климатските промени ќе бидат една од најголемите закани на 21 век.

Со цел да го одбележиме овој важен национален јубилеј, Народната банка планира повеќе настани, меѓу кои и централниот – Свечената академија по повод јубилејот и Истражувачката конференција на Народната банка, којашто оваа година ќе се организира во партнерство со Европската инвестициска банка (ЕИБ), на која ќе учествуваат гувернери и вицегувернери на централни банки од регионот и од Европа, како и претставници на меѓународни финансиски организации, на научната јавност и на банкарскиот сектор“, се наведува во соопштението на Народната банка.