Компаниите кои вршат јавен превоз, во петок напладне ќе одржат мирен протест пред Општина Куманово, незадоволни од работата на градоначалникот и Комисијата за спроведување на постапката за јавен превоз, затоа што не функционираат најфреквентните линии во градот, пишува Kumanovonews.mk.
Превозниците бараат градоначалникот да ја одблокира постапката за избор на нови превозници, односно да ги прифати насоките на Второстепената комисија на Министерството за транспорт и врски и да потпише договори со превозниците кои ги исполнуваат условите, за да се одблокира процесот и да се организира јавен превоз во сите населби во Куманово.
„Ги повикуваме сите граѓани кои се засегнати од немањето на градски превоз, работниците во фабриките кои половина плата даваат за такси за да стигнат на работа, како и родителите кои мораат да плаќаат од свој џеб за да ги пратат децата на училииште, да ни се придружат и да ни дадат поддршка во остварување на нашите права. Истовремено, да му покажеме на градоначалникот дека повеќе нема да ќутиме и да бидеме заложници и неми набљудувачи на неговите манипулации, додека фаворизира превозник кој не ги исполнува условите што општината ги пропиша“, велат организаторите на протестот од компаниите „Оли-травел“, „Штуз“ и „Делукс“, кои имаат поддршка и од останатите компании во градот.
Протестот ќе започне во петок во 11 часот кај спортската сала, по што превозниците со педесетина автобуси ќе поминат низ улиците „Октомвриска револуција“, „Доне Божинов“, „11 Октомври“, „Трета МУБ“, „Гоце Делчев“ и ќе завршат пред Општина Куманово.
Протестот на превозниците е најавен во МВР и ќе се одржи по сите протоколи, пишува Kumanovonews.mk.