Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со директорот на Канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија, Масимилиано Паолучи и дел од тимот кои работат на Проектот за подобрување на социјалните услуги во Република Северна Македонија (ППСУ), чиј имплементатор е Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска банка.
Проектот содржи две компоненти, промовирање на социјалната вклученост преку подобар пристап до парични надоместоци и услуги и проширување на пристапот и подобрување на квалитетот во системот за згрижување и воспитание, со негова конечна реализација, јуни 2024 година.
Реализацијата на сите активности и инвестиции од проектот ќе придонесат кон зголемување на достапноста и квалитетот на социјалните услуги и кон поттикнување на раниот детски развој. Неговата цел е поголема инклузивност на системот на социјални услуги и придобивки за голем број на граѓани, со посебен фокус на ранливите групи граѓани и децата на предучилишна возраст.
На состанокот се дискутираше и за новата „Стратегија за развој на човечкиот капитал“, како еден од приоритетите на Владата и која наскоро се очекува да биде усвоена од Владата на РСМ. Министерката посочи дека таа претставува правец и визија на долг рок и што поскоро треба да се пристапи кон нејзина имплементација затоа што тоа е придобивка за сите граѓани во државата.
„Инвестирањето во човечкиот капитал е еден од приоритетите на Министерството за труд и социјална политика и преку проектот работиме на негово исполнување. Вложуваме во изградба на детски градинки, а со тоа и што поголем опфат на деца во нив, како и зајакнување на капацитетите на стручниот кадар во установите за предучилишно образование,“ рече Тренчевска.
Таа потенцираше дека во фокусот на Министерство за труд и социјална политика се ранливите категории на граѓани. Во таа насока сите капацитети се насочени кон унапредувањето на социјалните услуги на локално ниво. Притоа, го истакна значењето на деинституционализацијата, која значително го подобри начинот и условите на живот на лицата со попреченост.
„Најхуманата работа на Министерството за труд и социјална работа е отворањето на малите групни домови, во кои владее семејна атмосфера, со што целосно се промени животот на лицата со попреченост. Истовремено, тоа ќе придонесе и за големи промени во општеството,“ рече Тренчевска.
Соговорниците изразија задоволство од досегашната соработка, за што потврдуваат и резултатите од проектите помогнати од Светска банка, кои обезбедуваат системски и долгорочни решенија.