Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари средба со амбасадорката на САД во Северна Македонија, Н.Е. г-ѓа Кејт Мари Брнз.
На средбата министерот и амбасадорката разговараа за досегашната соработка помеѓу двете земји, економските последици што би можеле да настанат како последица на руско-украинскиот конфликт, како и реализацијата на инфраструктурните проекти, пред се во делот на енергетиката коишто се клучни за развојот на нашата држава.
Во рамките на состанокот министерот ги презентираше реализираните проекти и планираните активности на Министерството за економија во делот на енергетиката, трговијата, иновациите, поддршката на странските инвеститори.
Министерот Бектеши ја информираше амбасадорката за сетот од 26 мерки што го донесе Владата за поддршка на економијата и истакна дека со голема внимателност се следи ситуацијата, пред сè во делот на цените на енергенсите за што се развиваат сценарија за можни исходи.
Министерот Бектеши ја изрази својата благодарност до Владата на САД како наш главен стратешки партнер, којашто постојано ѝ дава значајна поддршка на нашата Влада во спроведувањето на активностите насочени кон економски раст и стабилност на земјата.
На средбата помеѓу министерот Бектеши и амбасадорката Брнз стана збор и за определбата да продолжи економската соработка меѓу двете земји со посебен акцент на поттикнување проекти и инвестиции кои ќе овозможат трајна и одржлива енергетска независност на Северна Македонија.
Двајцата соговорници се согласија дека клучен предизвик за македонската економија во моментот е справување со економските последици од руско-украинскиот конфлит.
На средбата беше упатена благодарност за поддршката на Северна Македонија, која како НАТО сојузник, се приклучи кон повикот за запирање на воените дејствија во Украина.