6. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Бочварски – Павлова: Во фокусот изградбата на пругата кон Република Бугарија

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, оствари работна средба со Лилјана Павлова, потпретседателка на Европската инвестициска банка.

На средбата се отворија прашањата за инвестициите во железничката инфраструктура, со фокус на изградба на Коридорот 8 кон Република Бугарија.

Бочварски ги претстави инвестициските планови за изградба на железничкиот Коридор 8, конкретно делницата Крива Паланка – Деве Баир како еден од приоритетите на државата.

„Министерството за транспорт и врски има тесна соработка со оваа банка во финансирање проекти од комуналната сфера во сите општини во државата. Денешната средба беше во фокус на финансирање на изградбата на третата делница од пругата Република Бугарија, на потегот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. На средбата ги потенцирав националните интереси во делот на железничкото поврзување со Република Бугарија како клучен аспект за развој на регионалното поврзување и економијата во целина. Овој проект е приоритет за Владата и верувам дека набргу ќе ја заокружиме финансиската конструкција и ќе почнеме со изградбата на пругата. Би сакал да потенцирам дека за првата и втората фаза, од Куманово до Крива Паланка, веќе имаме обезбедено средства и очекувам набргу да склучиме договор со изведувач“, изјави Бочварски.

На средбата присуствуваше и директорот на ЈП „ЖРСМ – Инфраструктура“, Хари Локвенец, кој ги презентира развојните планови за изградба на железничката инфраструктура во државата.

На средбата двете страни заеднички ја потврдија активната соработка со можност да се продолжи во следниот период.

Европската инвестициска банка е силен поддржувач на Министерството за транспорт и врски во реализација на проектите во комуналната инфраструктура за изградба на водоводни и канализациски системи во општините во Република Северна Македонија.