23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Премиерот Ковачевски: Војната во Украина е огромна опасност за европската и светската безбедност и треба веднаш да престане

Војната во Украина е огромна опасност за европската и светската безбедност и треба веднаш да престане, а Русија да се повлече, истакна премиерот Димитар Ковачевски во интервју за Слободна ТВ и додаде дека Владата на Северна Македонија го осудува воениот напад на Русија врз Украина.

„Северна Македонија е членка на НАТО и ние сите одлуки ги носиме во согласност со одлуките на алијансата во процес во кој и ние учествуваме како земја членка. Ние сме на страната на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и во име на заштитата на тие меѓународни вредности комплетно хармонизирани во однос на економските санкции кои ЕУ ги има воведено на Русија со цел да спречи понатамошна ескалација на оваа војна“, истакна премиерот Ковачевски.

Тој изрази загриженост за ескалацијата на воената агресија на Русија.

„Гледаме дека во Украина станува се пожестоко и јас затоа сакам да апелирам уште еднаш Русија да се повлече од нападот на Украина. Денес имаше пожар во нуклеарна централа, кој за среќа беше изгаснат, меѓутоа тоа само потврдува колку е голема опасноста за европската и светската безбедност од еден ваков непромислен напад“, нагласи претседателот на Владата Ковачевски.

Тоа се нашите јасно изразени ставови, рече Ковачевски, и дополни дека ВМРО – ДПМНЕ и нивниот лидер, наместо неосновано да обвинуваат, треба да размислат за нивната коалиција со политичката партија Левица која е на страната на Русија и која вчера јасно беше против декларацијата за осуда на рускиот напад врз Украина.