Владините портпароли Душко Арсовски и Муамет Хоџа денеска порачаа дека Владата и државните институции ја следат состојбата на дневна основа и ги преземаат сите мерки за да се зачува стандардот на граѓаните.
„Граѓаните да бидат спокојни, бидејќи не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи. Како држава имаме задоволителна количина на прехранбени производи и нафтени деривати во стоковите резерви. Владата во континуитет ги разгледува и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви, доколку има потреба од такво нешто“, беше речено на прес-конференцијата.
Денешната прес-конференција портпаролите ја искористија да го повторат апелот до трговците да ја почитуваат владината одлука за трговските маржи, оценувајќи дека оваа одлука е во интерес на сите граѓани.