5. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи на министерски состанок на ОБСЕ за Украина: „Мултилатерализмот мора да надвладее над милитаризмот”

Се одржа засилен (reinforced) состанок на Постојаниот совет на ОБСЕ во пресрет на воената офанзива на Руската Федерација во Украина. Состанокот беше вонредно закажан од страна на претседателството на Полска со ОБСЕ и на него беа поканети за учество министрите за надворешни работи на земјите учеснички на Организацијата. На состанокот преку телеконференциска врска учествуваше министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи.

Во своето обраќање Османи изрази најостра осуда за агресијата врз Украина посочувајќи дека таа претставува еклатантно прекршување на нормите на меѓународното право и на заложбите и принципите врз кои почива ОБСЕ. Посочи дека со ваквиот акт на агресија Руската Федерација сериозно ги поткопува и загрозува заедничките напори за мирољубиво решение на кризата, што претставува сериозна закана за мирот и стабилноста на целиот регион на ОБСЕ.

„Нашите надежи до вчера беа насочени кон мирољубиво решение на кризата. Денеска тие шанси се поткопани и доведени во прашање. Состојбата ескалира од час на час и веќе сме сведоци на човечки жртви и материјално уништување. Покрај многуте повици за деескалација, дипломатско решение на кризата и, пред сѐ, неопоходноста да надвладее разумот, народот на Украина се соочува со разурнувачката моќ на војната. Сепак, последиците од агресијата веќе ги чувствува целиот свет. Без разлика на тоа колку е вознемирувачки и обесхрабрувачки денешниот акт на агресија, дијалогот мора да продолжи, а состојбата да деескалира. ОБСЕ располага со соодветни ресурси и механизми и сега е вистинското време да се искористи потенцијалот на оваа платформа“, истакна Османи.

„Мултилатерализмот мора да надвладее над милитаризмот“, истакна министерот Османи и изрази поддршка на напорите на полското претседавање и на генералната секретарка на ОБСЕ за деескалација и смирување на ситуацијата и истакна дека како дел од ОБСЕ-тројката претседавачи, Северна Македонија ќе продолжи активно да придонесува кон нив.

На крајот, министерот Османи истакна дека безбедноста на набљудувачите на специјалната мониторинг-мисија на ОБСЕ во Украина претставува императив и посочи дека Руската Федерација има основна одговорност за тоа.