27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Поставеноста на монетарната политика засега е оценета како соодветна на макроекономските услови

На 15 февруари 2022 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Врз основа на оцената на последните показатели и на амбиентот на монетарната политика, беше одлучено основната каматна стапка да остане иста, на нивото од 1,25%, а на аукцијата на благајнички записи да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари. На седницата на Комитетот беше потврдена потребата од внимателност и постојано следењe на показателите, а во контекст на евентуална потреба од промени во поставеноста на монетарната политика. При носењето на одлуките, Народната банка ги има предвид особено движењата кај девизните резерви и кај инфлацијата.

Девизните резерви и натаму се во сигурната зона, а остварувањата во јануари се во рамките на очекувањата за првиот квартал од 2022 година. Во однос на факторите коишто влијаат на девизните резерви, податоците за менувачкиот пазар за јануари 2022 година не отстапуваат значително од октомвриската проекција, а покажуваат понатамошен годишен раст на нето-откупот на девизи. Податоците за надворешнотрговската размена за четвртото тримесечје од 2021 година упатуваат на малку повисок остварен трговски дефицит во однос на очекувањата според октомвриската проекција.

Во јануари 2022 година е остварена годишна стапка на инфлација од 6,7%. Забрзувањето на годишната инфлација е одраз на порастот на регулираните цени на енергенсите, како и на растот на дел од прехранбените производи коишто имаат променлива динамика. Придонесот на базичната инфлација (инфлацијата од која е исклучено влијанието на цените на храната и енергенсите) кон растот на ценовното ниво е сѐ уште умерен и стабилен. Оттука, ценовните притисоци и натаму главно произлегуваат од фактори на страната на понудата, поврзани со промените на цените на глобалните пазари и влијанието на пандемијата. Остварената инфлација е над проекцијата, а очекувањата за идната динамика на увозните цени е коригирана во нагорна насока, со што ризиците за проекцијата на инфлацијата на краток рок се нагорни. Сепак, меѓународните институции очекуваат стабилизирање на растот на овие цени во втората половина на годината и со тоа намалување на инфлациските притисоци. Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата и актуелните геополитички тензии. Народната банка, внимателно ги следи сите промени и доколку растот на цените е од продолжен карактер и позначително влијае на инфлациските очекувања, таа е подготвена за соодветна реакција со инструментите со кои располага.

Во однос на движењата во реалната економија, во просек, во првите три квартали на 2021 година економијата бележи реален раст од 4,6%, што е блиску до очекувањата на Народната банка од октомвриската проекција. Тековно расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал на 2021 година главно упатуваат на натамошен годишен раст на економската активност, но забавен во однос на претходните два квартала. Податоците за овој период покажуваат високи, но поумерени годишни стапки на раст кај прометот во вкупната трговија и угостителството и забавување на падот кај индустриското производство, а кај извршените градежни работи во периодот октомври ‒ ноември се забележува натамошен годишен пад.

Закрепнувањето на економијата е поддржано од солидните движења во монетарниот сектор. Според првичните податоци за јануари 2022 година, солидниот раст на депозитите и кредитите продолжува, но посилно во однос на проекциите за првиот квартал на 2022 година.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од ковид-19 и од актуелните геополитички тензии и нивните ефекти пред сѐ врз глобалниот раст на цените и понатаму постојат, што налага будно следење на состојбите, и покрај тоа што засега макроекономските показатели главно се движат во согласност со очекувањата. ФЕД и ЕЦБ, како централни банки коишто значително делуваат врз глобалните финансиски пазари, иако сѐ уште не ја зголемија основната каматна стапка, преку своите објави упатуваат на можно побрзо затегнување на глобалните финансиски услови од досега очекуваното. Народната банка, како и досега, и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите, ризиците и промените на глобалните услови и и натаму е подготвена за соодветна реакција преку расположливиот инструментариум.