„Жалам што опозицијата можеби очекува згради, споменици и неконструктивно трошење, но човечкиот капитал и работните места, зголемувањето на платите беше приоритет и на претходниот состав на влада и тоа останува да биде приоритет и на новата предлог влада“ кажа пратеничката од СДСМ и предлог кандидатка за министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска со емисијата „200“ на Алсат М.
Таа додаде дека после 11 години власт на ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво, Владата предводена од СДСМ успеа да покаже дека македонската економија има пари за раст на платите, доклку тие не се трошат непродуктивно.
Како приоритет на новата влада, Костадиновска Стојчевска го издвои справувањето со енергетската криза, со која се соочува целиот свет.
„Во буџетот за 2022 година има издвоени средства за справување со енергетската криза, а се прават напори и за обезбедување на нови средства. Цел свет ја чувствува кризата со коронавирусот, инфлацијата и енергетската криза. Сметам дека ние одговараме соодветно, со државните ресурси и средства кои ни се на располагање“ кажа Костадиновска Стојчевска.