28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Кузеска: Со брза и навремена реакција Владата спречи драстично покачување на цената на струјата

Со брза и навремена реакција на Владата предводена од СДСМ, спречен е ценовен шок за граѓаните и драстично зголемување на цената на струјата. Мобилизирањето на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија, придонесе цената на струјата да биде покачена за само 9,48% што е далеку под првичните прогнози од над 25%. Притоа евтината ноќна тарифа на струјата како и евтината тарифа во недела ќе се задржат, а дополнителни рекстрикции нема да има, изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

„ Дека цената на електричната енергија е глобален проблем потврдуваат и покачувањата на цената на струјата во многу држави, а најизразено е во Турција каде електричната енергија за домаќинствата поскапи за 50 отсто, додека за компаниите и за над 100 отсто.

За граѓаните од ранливата категорија, обезбедени се и 60 милиони денари со Програмата за заштита на потрошувачите на електрична енергија.

Со оваа мерка ќе се опфатат околу 7.500 домаќинства со ниски примања во времетраење од 12 месеци, кои ќе добијат намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството“ рече Кузеска.

Таа нагласи дека економијата е стабилна и ликвидна, а дека државата е подготвена да им помогне на граѓаните и компаниите за надминување и на овој предизвик.

„ И додека Владата предводена од СДСМ е посветена на креирање мерки со кои ќе се намалат последиците од енергетскага криза, ВМРО ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски, продолжува и во време на криза со лаги, со цел да поттикнат паника кај граѓаните. Мицкоски лажеше дека цената на струјата ќе биде повисока до 40 отсто, тој и ВМРО ДПМНЕ и оваа криза ја користат за евтини политички поени, не водејќи никаква грижа за граѓаните истакна Кузеска.

Таа додаде дека СДСМ ќе продолжи со реализација на мерки кои ги ублажуваат последиците предизвикани од енергетската криза.