Бектеши: Обезбедени 60 милиони денари за над 7.500 домаќинства со ниски приходи кои ќе добиваат намалени сметки за струја од 600 до 800 денари во 2022 година
Министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција во Владата информираше за Програма за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година која што беше усвоена од Владата.
Во прилог Ви го праќаме во целост говорот на министерот Бектеши од прес-конференцијата:
„Почитувани,
На денешната седница Владата на предлог на Министерството за економија ја донесе Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година.
Во услови на прогласена криза во снабдувањето со електрична енергија, Министерството за економија со оваа програма годинава за прв пат воведува парична помош за најранливите категории на лица со ниски примања, кои не се приматели на гарантирана помош согласно закон.
Согласно програмата за која се предвидени 60 милиони денари, односно еден милион евра, финансиска поддршка ќе се доделува на лица доколку нивните редовни месечни примања не го надминуваат нето приходот и тоа:
• за самец до 15.194 денари;
• за домаќинство со два члена до 18.000 денари;
• за домаќинство до три члена до 21.000 денари;
• за домаќинство со четири члена до 25.000 денари; и
• за домаќинство со пет члена и повеќе члена до 30.000 денари.
Лицата со ниски примања за самец, домаќинство со два члена и за домаќинство до три члена се стекнуваат со намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари месечно, а лицата со ниски примања за домаќинство со четири члена и за домаќинство со пет члена и повеќе члена, се стекнуваат со право на намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 800 денари месечно, сметано од денот на поднесување на барањето.
Вупната финансиска поддршка од 60 милиони евра ќе биде распределена на следниот начин:
• 10% од вкупните средства ќе бидат наменети за самци;
• 10% од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства со два члена;
• 10% од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства со три членови;
• 50% од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства со четири членови;
• 20% од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства со пет и повеќе членови.
Врз основа на тоа, се проценува дека над 7.000 домаќинства ќе го остварат правото на финансиска поддршка, во времетраење од 12 месеци.
За реализација на програмата Министерството за економија следниот месец (јануари 2022) ќе распише јавен оглас, а доделувањето на финансиската поддршка ќе се врши по принципот на најниски примања во домаќинство во 2021 година во секоја од категориите се до исцрпување на предвидените средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година за оваа намена.
Министерството за економија, податоците од решенијата во електронска форма ги доставува до универзалниот снабдувач со електрична енергија на месечна основа за сите корисници на финансиска поддршка и врз основа на овие податоци, универзалниот снабдувач ќе доставува сметки за електрична енергија со намален износ, како што е утврдено во решенијата за секој корисник.
Доколку корисникот на финансиска поддршка не плати последователно две сметки, на предлог на Комисијата министерот донесува решение со кое се укинува решението за стекнување на финансиска поддршка и за истото се известува универзалниот снабдувач.
Исто така сакам да информирам дека на претходната седница на Владата беа донесени измени на Уредбата за кризна состојба во енергетскиот сектор со што се овозможува во услови на кризна состојба ЕВН ХОМЕ да не набавува електрична енергија од повластените производители на електрична енергија коишто користат обновливи извори на енергија со што се намалуваат трошоците за набавка на електричната енергија на ЕВН ХОМЕ затоа што енергијата наместо од повластените производители ќе се обезбеди преку АД ЕСМ Скопје по пониски цени од цените на повластените производители коишто произведената електрична енергија ја продаваат по повластени тарифи.
Имајќи ги предвид високите цени на електрична енергија на отворениот пазар на електрична енергија, количините на електрична енергија од повластените производители ќе се распределат кај сите останати снабдувачи и трговци. Со тоа ќе се зголеми делот од електричната енергија од повластените производители во вкупното портфолио на снабдувачите и трговците, и тие ќе имаат финансиска корист затоа што просечната цена на електричната енергија од повластените производители во тековниот период е значително пониска од цената на електричната енергија на отворениот пазар.
Сакам да ја информирам јавноста дека во моментов има доволно обезбедени количини на јаглен за работа на ТЕЦ Осломеј, како и за РЕК Битола за работа со два блока. За месец јануари се планира третиот блок во РЕК Битола да биде пуштен од 10.01.2022 година, а ТЕЦ Осломеј да престане да работи. Истовремено се планира вториот блок во ТЕЦ Неготино да се стартува на 15.01.2022 година. Со тоа, според најновиот биланс на АД ЕСМ, сите количини на електрична енергија потребни за универзалниот снабдувач ќе бидат обезбедени од домашно производство, односно без увоз.
Значи со тоа, сакам да ги уверам граѓаните дека рестрикции на електрична енергија нема да има.
Сетот од мерки што ги презема Владата за справување со предизвиците предизвикани од нарушувањата на пазарите на електрична енергија, придонесува да се обезбедат услови за континуирано снабдување со електрична енергија и не само тоа, туку и цената на електричната енергија на универзалниот снабдувач – ЕВН ХОУМ за домаќинствата и малите потрошувачи, да биде покачена за 9% во однос на претходниот пресметковен период, како што информираше Регулаторната комисија за енергетика.
Како надлежен министер за економија и енергетика, можам да изјавам дека во континуитет ќе креираме нови мерки и политики се со цел одржување на економскиот раст и макроекономската стабилност“.