Данела Арсовска не работи ништо во интерес на граѓаните, таа во првите две месеца покажа дека знае само да стопира важни проекти. Меѓу нив секако еден од најважните е Бас рапид транзит системот со кој Скопје добива нов, ефикасен и еколошки јавен транспорт, обвини Дарко Каевски, пратеник на СДСМ.
Тој ја обвини Арсовска дека со штури оправдувања го прекинала овој важен проект, за чија реализација, како што рече, биле обезбедени средства од Европската банка за обнова и развој.
„ И самата Европска банка за обнова и развој ги демантираше лагите на Данела Арсовска. Наместо да го реализира БРТ системот, таа ги лаже граѓаните дека ќе воведе бесплатен автобуски превоз за две години отсега, иако граѓаните очекуваа бесплатен јавен превоз уште во првите 82 дена од нејзиниот мандат. Најавите дека бесплатен јавен превоз ќе има за две години од сега е голема лага и потценување на скопјани.
Бесплатен јавен превоз е возможен само со Бас рапид транзит со кој се обезбедува поголем опфат на патници, почести линии и побрзо минување на трасата. Арсовска треба да си ги совлада суетата и ароганцијата и да ги продолжи проектите што ги започна Петре Шилегов, а кои обезбедуваат развој на Град Скопје“ додаде Каевски.
Тој ја повика Арсовска да почне да работи за Градот и за интересите на граѓаните, наместо, како што рече, да го кочи развојот на Скопје.