4. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

69 реконструирани полициски објекти: Министерот Спасовски направи увид на три завршени објекти во Кривогаштани и во Крушево

„Во насока на реализација на активностите што ги започнавме уште во 2017 година, во поглед на динамично подобрување на стандардите на материјално-техничкото работење на полицијата, денеска имав можност со моите колеги да направиме увид во завршените санациски и градежно-занаетчиски работи на три наши објекти во надлежност на Секторот за внатрешни работи Битола – ОВР Прилеп, а тоа се објектите на Полициското одделение Кривогаштани, на Одделението за внатрешни работи Крушево и вилата Крушево. Се разбира оваа работна посета ја искористивме и да поразговараме за тековните активности на овие организациони полициски единици“, ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при неговата денешна работна посета на ПО Кривогаштани и ОВР Крушево.

Министерот Спасовски потенцираше дека примарно е што посочените три објекти во сегашниот квалитативно видоизменет градежно-инфраструктурен облик, за кои од буџетот на Министерството беа издвоени безмалку 26 милиони денари, целосно ги задоволуваат бараните критериуми за непречено функционирање на полициските службеници и служби, но се во интерес и на граѓаните кои ги остваруваат своите граѓански права и должности во овие објекти.

„Сакам особено да нагласам дека како и претходно, така и сега се водевме и од потребата за домаќинско, економично трошење, како на вложените средства, така и во поглед на користењето материјали кои што ќе гарантираат значителна енергетска ефикасност и заштеда, без притоа да се намалува на квалитетот или на сметка на бараните градежни и еколошки стандарди. Во крајна линија, таквиот наш фокус веќе дава резултати, а колку за илустрација, според прегледот на трошоците за испорачана електрична енергија споредбено во 2017 и во 2021, во одредени сегменти станува збор за 100% заштеда, односно вкупно, на ниво на МВР, станува збор за 5 милиони и 376 илјади денари заштеда на финансиски средства, народни пари, што говори за домаќинскиот однос кој го остваривме со овие реконструкциски зафати“, нагласи Спасовски.
Воедно министерот Спасовски потсети дека во рамки на овие континуирани повеќегодишни активности, вклучително со овие три завршени објекти, достигната е бројката од 69 реконструирани полициски и други објекти на Министерството за внатрешни работи, со што е направен значителен исчекор во поглед на подобрување на материјално-техничката инфраструктура.

Истакнувајќи дека актуелното раководство на МВР останува и натаму целосно посветено на ваквите активности, министерот Спасовски потенцираше дека во наредната 2022 година се планира да се продолжи со градежните активности, и тоа најнапред во Центарот за обука Идризово, како клучна организациона единица во поглед на професионално-стручната образовна надградба на полициските службеници.

„Потоа, она што го ветив годинава, а е во интерес на нашите граѓани кои најмногу гравитираат таму, со цел да си ги остварат своите граѓански права и должности – реконструкцијата на Одделот за граѓански работи во МРТВ, кој практично го претставува лицето на полицијата пред граѓаните. Секако, во овој сегмент спаѓа и изградбата на Полициската станица Аеродром при СВР Скопје, производ на направена анализа согласно потребите на граѓаните, но и за ефективно извршување на полициските активности“, рече Спасовски.