Заради превенција од евентуални поскапувања на основните прехранбени производи, на вчерашната седница Владата ја дополни одлуката за определување највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и на мало, со уште три: ориз, јајца и тестенини. Цените на овие производи се замрзнуваат на ниво на цените до 1 декември и ќе важат до 31 јануари 2022 година.
На новинарско прашање, дали се планираат дополнителни мерки за производителите на ориз поради нивното изразено незадоволство поради замрзнувањето на цената на оризот, беше потенцирано дека мерката за замрзнување на цените на неколку основни прехранбени производи, меѓу кои и оризот е донесена за да се заштити стандардот на граѓаните, со тоа што ќе се превенира нагло зголемување на цените и дека оваа мерка е со ограничен рок до 31 јануари 2022 година.
Беше посебно нагласено дека Владата последниве години покажа дека се грижи за оризопроизводителите и за поттик на производството.
„ Субвенциите по обработлива површина со задолжително користење на сертифициран семенски материјал од 12.000 денари се зголемени двојно, на 24.000, а за оние производители на ориз без задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал, субвенциите се зголемени од 6.000 на 18.000 денари. Доставени се и картички за зелена нафта, со цел да се помогне во намалувањето на производствените трошоци за земјоделска механизација. Дополнително, Владата ги исплати и субвенциите за полјоделски култури, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството во вредност од околу 640,5 милијарди денари, пари во кои влегуваат и субвенциите за оризопроизводителите, кои се исплатени на сметките на над 2.000 субјекти“, изјавија портпаролите на Владата.