Oбезбедeни се дополнителни 284,9 милиони денари или над 4,6 милиони евра за нови 1.216 вработувања, кои ќе бидат реализирани преку Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување, најави на прес-конференција пратеничката на СДСМ, Жаклина Лазаревска.
Како што рече, целта на овој чекор е да се зајакне пристапот до активните политики за пазарот на труд, особено за нискоквалификувани невработени лица и лица од ранливите категории, што е предвидено и со Акцискиот план за реализација на препораките од заедничките заклучоци од Економско – финансискиот дијалог.
„Од вкупно предвидените средства, 36.9 милиони денари се наменети за Програмата 1, односно за поддршка за самовработување (претприемништво) за дополнителни 115 самовработувања; над 135 милиони денари за мерката за субвенционирање на плати со што дополнително ќе бидат опфатени 674 невработени лица. Обезбедени се средства и за имплементација на новата пилот мерка за субвенционирање на плати во текстилниот сектор за 300 невработени лица во висина од 73.8 милиони денари, како и над 15 милиони денари за мерката вработување и раст на правни субјекти за 127 дополнителни вработувања“, рече Лазаревска.
Пратеничката додаде дека со оперативниот план во 2021 година се опфатија околу 12.000 невработени лица, преку 8 различни видови на програми во рамките на кои се содржани и одделни мерки. До ноември реализирани се 85 отсто од Оперативниот план за 2021 година.
Сето ова, вели Лазаревска, е во насока на намалување на стапката на невработеност која сега изнесува 15,9 отсто со тенденција дополнително да се намалува.