Предлог-буџетот за 2022 година е ставен на дневен ред пред народните избраници. Според објавата на веб страницата на Собранието, Предлог-буџетот ќе се рагледува најпрво пред собраниската Комисија за финансирање и буџет закажана во 11 часот, а потоа треба да стаса и на Законодавно-правната комисија.
Вкупните расходи, како што навестија надлежните, се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари или 32 проценти од БДП, а приходите на 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП. Вкупните приходи се за 7,4 проценти повисоки од 2021, а кај расходите има зголемување за 1,4 проценти во споредба со расходите во 2021 година, но тие се пониски како процент од БДП споредено со 2021 година.
Капиталните инвестиции за 2022 година се планирани на ниво од 37,8 милијарди денари и за првпат се повисоки од буџетскиот дефицит кој е проектиран на ниво од 33,5 милијари денари или 4,3 проценти од БДП.
Стапката на инфлација е проектирана на ниво од 2,4 проценти.
Првите луѓе одговорни за подготовката и носењето на Буџетот најавија дека е важно тој да биде донесен навреме поради непречено функционирање на државата, и нејзино финансирање како и за обезбедување на финансиска поддршка за економско заздравување и забрзан, инклузивен и одржлив економски развој.
Согласно пропишаните рокови и досегашната практика, Буџетот од страна на Собранието треба да се донесе најдоцна до крајот на годината.