27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Народна банка: Домашната економија закрепнува, инфлацијата останува во контролирани рамки

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и најновите макроекономски проекции на Народната банка. По усвојувањето на Извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции на конференција за медиумите.

Втора година по ред, макроекономските проекции се спроведуваат и се објавуваат во услови наметнати од пандемијата и глобална неизвесност. При вакви околности, Народната банка постојано води олабавена монетарна политика, заради ублажување на ефектите од пандемијата врз домашната економија. Во периодот помеѓу априлскиот и овој циклус проекции, економските параметри главно се движеа во согласност со очекувањата. Ризиците и натаму беа поврзани со неизвесната околу здравствена состојба, при понагласени нарушувања на синџирите на снабдување и променливост на пазарите на примарни производи, информираат од Народна банка.

Појаснуваат дека најновите очекувања за економскиот раст се непроменети во однос на априлските проекции, при што за следната година и натаму се очекува целосно враќање и надминување на преткризното ниво. Во согласност со вградените претпоставки за надворешното окружување и домашните фактори, во оваа и следната година, економската активност ќе расте со идентична стапка на раст од 3,9% и постепено ќе достигне стапка од 4%, на среден рок. Во целиот период на проекциите, се очекува дека растот и натаму ќе произлегува од домашната побарувачка, додека нето-извозот ќе има негативен придонес кон растот во периодот на проекции. Имено, закрепнувањето на странската побарувачка би делувало стимулативно на извозната активност, но со оглед на високата увозна компонента на извозот, но и побрзото закрепнување на домашната побарувачка, се очекуваат и поголеми увозни притисоци.

Инфлацијата останува во контролирани рамки, се прецизира во соопштението. Најновите проекции упатуваат на умерена инфлација од 3,1% во 2021 година. Најголемиот дел од тековните нагорни притисоци се должат на фактори на страната на понудата, поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, со пренесениот ефект од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и од одредени фактори специфични за пандемиската криза, а во услови на олабавување на рестриктивните мерки. Следната година се очекува нормализација на овие фактори и забавување на инфлацијата, при што би се свела на 2,4%, а потоа постепено на околу 2% на среден рок. Истовремено, не се очекуваат позначителни пренесени ефекти од моменталниот раст на цените, со оглед на оцените за умерено закрепнување на побарувачката. Под влијанието на пролонгираното траење на пандемијата, на меѓународните пазари и понатаму постои голема променливост на цените на примарните производи, а со тоа и неизвесност околу движењето на увозните цени, како на краток, така и на подолг рок.

Според гувернерката на НБРМ, дефицитот на тековната сметка и натаму би бил во умерени рамки, но на нешто повисоко ниво од минатата година (3,8% од БДП), а на среден рок би изнесувал околу 2% од БДП, слично на преткризното ниво. Проширувањето на дефицитот е пред сѐ одраз на повисокиот трговски дефицит при пораст на светските цени на храната и енергијата, привремен застој кај синџирите за снабдување којшто го забавува извозот и на постепеното закрепнување на домашната побарувачка. Овие ефекти се во голема мера неутрализирани со побрзото закрепнување на приватните трансфери, како и подобриот нето-извоз на услуги. Дефицитот на тековната сметка, како и во преткризниот период, ќе биде во целост финансиран од приливите во финансиската сметка, што ќе овозможи натамошен раст на девизните резерви на среден рок.

Според НБРМ, показателите за адекватноста на девизните резерви упатуваат на нивно задржување во сигурната зона во текот на целиот период на проекции, што дополнително упатува на стабилноста на домашната валута – денарот.

Кредитната активност на банкарскиот систем и натаму е еден од важните фактори за поддршка на економскиот раст. Во периодот на проекции се очекува солиден кредитен раст, којшто оваа година ќе изнесува 7,1% и постепено ќе забрза достигнувајќи околу 8% на среден рок. Слични се очекувањата и за движењето на депозитите во периодот на проекции, како главен извор на финансирање на банките.

Општо земено, најновите оценки за четиригодишниот период 2021 ‒ 2024 гoдина ги потврдуваат очекувањата за закрепнување на домашната економија од пандемијата и во основа се непроменети во однос на априлските проекции. Oценките се проследени со висока неизвесност, при што ризиците се претежно надолни и се поврзани пред сѐ со натамошниот развој на пандемијата и нарушувањата во глобалните синџири на снабдување и производство. Народната банка продолжува со внимателно следење на движењата и ризиците од домашното и надворешното окружување, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика, додаваат од НБРМ.