Вицепремиерот и министер за надворешни работи, Бујар Османи, за „Њуз24“ го коментираше резултатот од локалните избори и најавената оставка на премиерот Зоран Заев.
Според него, сега не е време за оставка, ниту, пак, за предвремени избори.
„Имавме долга средба со Заев и му кажавме дека сега не е време за оваа политичка акробација, бидејќи се наоѓаме на важна политичка раскрсница“, рече тој.
Како што додаде евентуални предвремени избори би ја втурнале земјата во политичка криза.
„Мислам дека опозицијата не е подготвена да ја преземе власта. Се работи за иднината на државата. Кај Албанците токму ДУИ го одреди евро-атлантскиот курс. Досега докажавме дека го знаеме и можеме да го одржиме овој курс. Поддршката што ја добивме дополнително ја зголемува оваа обврска“, додаде Османи.
Министерот е дециден дека во претстојниот период треба да се надминат разликите со Бугарија и верува дека е неизбежно да продолжи одржувањето на евро-атлантскиот курс, што е од витално значење не само за Македонија, туку и за регионот.