26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Заедно со граѓаните донесовме слобода и демократија, а кога е демократија има и одговорност, поднесувам оставка од премиер и претседател на СДСМ

Изјава за медиуми на претседателот на СДСМ Зоран Заев:

Дозволете јас од името на СДСМ и сите наши луѓе да им ја честитам на нашите опоненти победата на овие локални избори. Ја превземам одговорноста на себе за ваквиот развој на политичките настани, заклучно со резултатите на овие избори.

Поднесувам оставка од премиер и претседател на СДСМ.

Им честитам на сите прогресивни граѓани кои се бореа силно за интегрирана Северна Македонија.

Изразувам посебна огромна почит до сите вас, прогресивен мој народе. Сакам да им честитам на сите избрани градоначалници и советници, посакувам чесно и одговорно да им служат на граѓаните.

Дозволете да искоментирам неколку работи. Горд сум што заедно ја внесовме земјата во НАТО, лани добивме одлука за почеток со преговорите со Европската Унија и верувам дека имаме шанси да отпочнеме преговори за неколку месеци.

Си го обединивме нашиот мултиетнички народ и економски видливо го зајакнавме и покрај пандемијата која што владееше.

Спроведовме успешен попис, изградивме историско пријателство со сите наши пет соседи, со договорени стратешки партнерства.

За нас прогресивните кои веруваме и им се радуваме на овие историски успеси, за жал дојде политичка казна.

Должност ми е да искоментирам дека на овие избори беа видливи многу пари на терен кај опозицијата, дојдени доминантно од надвор, а дадени заради политички, но и заради економски причини. А дел од големите пари ги добија и од домашни бизнисмени, пред се газди на градежни компании, заради идни лични финансиски интереси и планови. Жалам што сите овие пари се значајна причина за ваквиот резултат на изборите.

Исто така сакам да споделам разочараност кај мене, а верувам и кај огромен број граѓани, затоа што мнозинството од народот кој гласеше заедно со сите тие што останаа дома, ги избраа истите луѓе и политичари кои пред 4 години само во парламентот пред очите на целата јавност сакаа и тргнаа да убиваат.

Некои од тие насилници се дури и избрани за градоначалници и советници во скопските и другите општини.

На овие избори видовме дури и сојузи помеѓу жртви и насилници од 27 април 2017 година.

Се здружија жртви на насилството со насилниците од ВМРО-ДПМНЕ без било каков образ за власт и пари.

Сакав ова да го напоменам и споменам со единствена цел да остане забележано во паметењето на нашиот народ. Не е воопшто тешко заминувањето од политиката, тешка е помислата од одлуката на нашиот народ. Но нејсе. Јас сум недвојбено убеден дека заедно со прогресивното граѓанство сум донел слобода и демократија во земјава наша, а кога е слобода и демократија правилото е дека треба да има и превземање на одговорност. Низ превземањето на таа одговорност сакам да оставам печат за да се учи народот и да расте во својот демократски капацитет, но и во својата граѓанска должност да води грижа за својата земја. Можеби не сум во право, ќе покаже времето, но според мене ред е граѓаните да подржуваат политичари кои имаат храброст да носат тешки, но историски важни одлуки за добра иднина на својот народ и државата, без притоа тие политичари да се водат од својот политички рејтинг или да водат грижа за својата политичка фотелја.

Почитувани граѓани, како што кажав на почетокот јас ја превземам одговорноста на себе за лошите резултати на овие избори за сите нас прогресивните сили, за да можат токму тие прогресивни сили да опстојат и да продолжат да се борат за прогресот на Северна Македонија.

Оставката ја поднесувам и од премиер и од претседател на СДСМ.

За крај и во вакви околности останувам на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори.

Претстојат одлични и неповторливи 2,5 години за работа и економски успеси од кои корист ќе има целиот наш народ и државата.

Ќе останам периодов додека треба за да помогна за да се реорганизира нова Влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено.

Јас лично како човек сум дел од СДСМ и од прогресивниот народ и останувам во првите борбени редови како член на СДСМ и дел од нашиот прогресивен народ.

Почитувани, господ да ни го чува народот и Северна Македонија.

Посакувам благосостојба и просперитет на сите наши етнички заедници, на целиот наш народ.

Ми беше огромна чест што можев да ви служам и што ми дававте доверба сите овие години да работам за вас, мој народе.