24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шилегов: За 4 години изградивме повеќе инфраструктура и суштински проекти отколку за 27 години претходно

Го градевме Скопје со срце, изградивме повеќе инфраструктура и суштински проекти отколку за 27 години претходно, работевме само според приоритетите на граѓаните и вложувавме одговорно онаму каде што треба. Скопје станува модерен, организиран, силен град на 21 век, истакна вечерва на големиот собир со граѓаните на Скопје, кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.

Тој додаде дека за овие четири години е научено многу.

Она што сигурно го знам е дека ништо не се постигнува брзо и лесно како што најавуваат некои, туку со многу работа, труд, планирање и долгорочно вложување. Проектите што ги спроведуваме нудат решенија на проблемите за следните 50 години. Тоа не може да се реализира ниту брзо ниту лесно како што вели кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, порача Шилегов.

Тој нагласи дека одговорноста кон Скопје се мери со тоа колку се вложува во неговиот развој, во зелените оази и паркови, одговорноста се мери и според квалитетот на воздухот кој драстично е подобрен.

Одговорно е да се донесе нов ГУП каде Скопје ќе биде град без тешка индустрија. Скопје кое ќе има најсовремен градски превоз, создавајќи ја најголемата пешачка зона во Европа. Тоа е квалитетна визија на градот, тоа е одговорност за градот и граѓаните, нагласи Шилегов.

Тој најави дека во следните четири години Скопје целосно ќе се промени.

Скопје за четири години од денес ќе биде град без метеж со целосно нови сообраќајни решенија. Скопје ќе биде град без загадување, Ако за четири години успеавме да го намалиме за 33%, за уште четири можеме прашањето да го елиминираме. За четири години од сега ќе се шетаме по 70 хектари пешачка зона во центарот со многу зеленило и слободен простор, истакна Шилегов.

Погледнете го драги скопјани слободниот Кеј 13 ноември, тоа е визијата за Скопје која ја имам! Погледнете го паркот Ибни Пајко, тоа е јавниот простор кој сакам да го создавам. Погледнете ги новите МАН автобуси, тоа е стандардот кој сакам да го постигнам. Тоа е Скопје кое ќе продолжиме да го градиме а не згради и споменици на секој чекор, нагласи Шилегов.

Тој најави дека за една година од сега Скопје ќе има нов ГУП, кој ќе гарантира дека никој повеќе нема да го злоупотребува Скопје за приватни цели, кој ќе гарантира хумана урбанизација надвор од центарот на градот.
Скопје десет години е жртва на ГУП-от од 2012 кој го донесе ВМРО-ДПМНЕ. Да не дозволиме истите луѓе да го носат ГУП-от во 2022 бидејќи знаеме што не чека, повика кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.