25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Набавка од соништата: 250 нови автобуси? Да живее Тајван – нека цркне Македонија

Дечки, ова се локални избори или Игри без граници со народот? Кандидатите напред, а стручните тимови како интенданти кои и самите не знаат каква манџа им подготвуваат на своите лидери.

Ме копка едно: Кои се тие стручни тимови кои на мојата комшивка од Ѓорче и ја сервираат идеата за 250 нови еко-автобуси?! Знаат ли тие што е автобус, кои се пропратните импликации од ваквата активност и што повлекува една ваква набавка од соништата. 250 автобуси? Електро или на комптимиран гас-ЦНГ, нископодни соло или хармоники?!Супер намера: електрични – 500.000 евра и повеќе, ЦНГ – пколу 300.000 евра. Не сум економист туку машински инжинер со 40 години стаж во работа со автобуси, така да ќе мора да прифатам дека РМ ќе најде без проблем пари за оваква набавка. Секоја чест.

Ме копка друго.За олку автобуси мора да се изгради нова автобаза (за паркирање и тековни и сервисни активности), која мора да биде пример за екстра современо конципирана куќа за олку голема новонабавена ергела. И тоа не е проблем – кредит од цирка 30.000.000 (и повеќе) евра ќе заврши работа. Опремувањето на ваквата база ќе биде по стариот македонски рецепт: боли глава од скапа опрема.За работни активности во една ваква нова автобаза би биле потребни околу 400 нови вработени од фелата на автомеханичари, мекатроничари,автоелектричари, бравари, лимари, фарбари, стручен кадар… (Дијагностичарите се посебна приказна), Од каде во РМ толку нов кадар кога и сега квалитетни механичари можете на прсти да ги наброите? Добар механичар тешко се наоЃа па и за вашето приватно возило.

За овие дополнителни 250 бусови ќе треба нови 500-600 возачи. Искрено, денес има огромен недостаток од ваков кадар, за кој и Европа плачи и рони крокодилски солзи. Во неколку транспортни фирми забележани се пензионирани возачи, некогашни управувачи на градски возила.

Размислува ли некој за нови гасни станици за полнење на олкав број возила, автоматизирани перални, уреди за испитување кочноста…?! (И да не набројувам понатака, и мене ми е мака кога ќе помислам на вакви работи кои се идна рак-рана на современиот јавен транспорт).
Добар економист и идеен творец на ваквата мегаломанска акција лесно ќе пресмета дека ЕДНА МИЛИЈАРДА не не крпи, дури и од Тајван да е.

Дечки, ајде малку потрезвено: Од една страна плачиме како живееме од лошо полошо, како сме во голема криза, а од друга страна влетуваме во проекти кои се преголем залак и за многу поразвиени економии. Не ви се чини дека сме контрадикторни?!Јас толку разбирам, толку знам, толку сум научил. Извинете ако грешам. Тој што знае повеќе нека ме поправи, дополни…Многу ќе му бидам благодарен. Можеби повеќе знаат кучињата кои сега си ги покажуваат подвитканите опашки, се закануваат како тркалото се врти и како тие ќе расчистат со кочничарите. Алооо, другарчиња што скокате од партија во партија како вошки од куче на куче. Новите избори треба да бидат тест на интелигенција, а не тест на издржливост. Тестот на издржливост одамна го имаме положено, со интелигенцијата ни оди потешко.

(Јас сум граѓанин на оваа земја, а мојот мозок е лично мој, без оглед колкав ми е)

Фејсбук статус на Васил Толевски