Директорот на државниот завод за статистика, Апостол Симовски, информира дека обработката на податоците од пописот е почната веднаш по неговото завршување, а резултатите ќе бидат објавени најдоцна во март.
„Најдоцна во март очекуваме да ги објавиме резултатите, ако стигнеме порано сигурно нема да чекаме март да дојде“, изјави Симовски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали е попишано целото население, тој рече дека се раководеле според тоа да имаат концепт за да ги опфатат сите единици на ваквото статистичко истражување.
„Клучната работа по која се раководевме беа објектите за домување, каде што се сместени граѓаните, каде што живеат граѓаните и сите овие објекти се поминати целосно. Не беше испуштен ниту еден. Се случуваше да не можеме да најдеме некого дома, сепак беше летен период на спроведување на пописот, но се обидувавме повеќе пати да ги побараме. Остававме пораки, телефонски броеви за да може да се исконтактира со попишувачите и мислам дека немаме значаен неопфат со пописот. Секогаш може да го има и во најсовршените системи и тоа е сосема нормална работа. Она што ние го очекуваме во моментот, бидејќи обработка сè уште не е завршена, е дека овој неопфат ако воопшто го има, е минимален“, изјави Симовски.
За граѓаните кои го бојкотирале пописот, рече дека ДЗС нема обврска да презема мерки. Таквите случаи според него, веќе се процесуирани, а мерките треба да ги преземат други институции.
„Јас не ја знам и не се заморувам со таа бројка. Безначајна е, ниту нешто ни наруши, ниту нешто ќе значи на крајот со конечните резултати“, потенцираше Симовски.