23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Хоџа: Досега, земјоделците од полошкиот регион своите примероци мораа да ги носат на лабораториски анлизи во Скопје, но за скоро време, тоа ќе го прават во оваа лабораторија

Свечено пуштена во употреба новата опрема за контрола на прехранбени производи на Универзитетот во Тетово набавена со финансиска поддршка од МЗШВ

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, ја посети лабораторијата за контрола на прехранбени производи на Факултетот за прехранбена технологија и исхрана на Универзитетот во Тетово. На свечен начин беше одбележана набавката на нова опрема за тетовската универзитетска лабораторија за безбедност на храна, финансиски овозможена со средства од Програмата за рурален развој за 2021 година, на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во месец март оваа година, за прв пат после неколку децении, потпишавме меморандумот за соработка со четири Универзитети меѓу кои и тетовскиот, во вредност од 600 000 евра, средства обезбедени од Програмата за рурален развој за 2021 година. Конкретно, Факултетот за прехранбена технологија и исхрана од Универзитетот во Тетово, доби финансиска поддршка во вредност од околу 200 000 евра, со што овозможивме доопремување на постоечката лабораторијаза зголемување на лабораториските капацитети за контрола на прехранбени производи. Набавени се нови инструменти за автоматска детекција на патогени бактерии во примероци од храна и површина, бројач на соматски клетки во примероци од сирово млеко, апарат за квантитативно и квалитативно одредување на микотоксини како и демонстративна опрема за студентите од земјоделските науки. Тетовскиот Универзитет прв ја заврши набавката на нова опрема, а во најскоро време и другите Универзитети ќе ги реализираат договорите.

„Досега, земјоделците од полошкиот регион своите примероци мораа да ги носат на лабораториски анлизи во Скопје, но за скоро време, тоа ќе го прават во оваа лабораторија. Велам за скоро време, бидејќи тетовската лабораторија треба да помине процес на акредитација со што ќе обезбеди стандардизирани методи за анализа, согласно стандардот за управување со квалитет.

Навистина сум горд на ова достигнување кое го направивме заедно со Тетовскиот Универзитет, а е во интерес на земјоделците од овој регион. Ја остваривме нашата цел за исполнување на европските стандарди во системите за контрола на квалитетот, здравјето и безбедноста на храната“ изјави министерот Хоџа.

Тој упати честитики за успешно реализираниот проект од кој најголем бенефит ќе имаат земјоделците но и студентите на Тетовскиот Универзитет како научна институција која едуцира кадри од земјоделската струка.

Проректорот за меѓународна соработка, проф. Д -р Шефик Шеху се заблагодари на поддршката од Министерството и разбирањето за потребата да се воспостави акредитирана лабораторија за контрола на здравјето, квалитетот и безбедноста на храната која ќе им служи на земјоделците да произведуваат безбедна храна.

Ова е инвестиција која носи голем развој, го олеснува процесот на контрола на примероците за анализа на полошките земјоделци а при тоа се исполнети стандардите за квалитет.