2. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Online sesija na Ohridskata shkola na prirodnoto pravo na tema "Osnovi na reformata na pravniot sistem vo RSM i ekoloshkata pravda". Naser Nuredini, Minister za zhivotna sredina i prostorno planiranje na RSM.
МАКЕДОНИЈА

Нуредини: Со спроведените правни реформи обезбедуваме подобра правна и судска заштита на животната средина

-Еколошката правда во себе содржи еколошка, но и економска и социјална компонента. Оваа Влада сериозно е посветена на зелената агенда и изнаоѓањето на балансот помеѓу развојот и заштитата на животната средина – рече Нуредини во воведното обраќање на еднодневната расправа која под наслов „Основа на реформата на правниот систем во Република Северна Македонија и еколошката правда“ се организираше вчера од Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ.

Поаѓајќи од фактот дека заштитата на животната средина претставува еден од основните предуслови за уживање на бројни други човекови права, настанот имаше за цел да го привлече вниманието на научната, стручната и пошироката јавност кон проблемите и предизвиците во реформата на правниот систем, а особено кон нужните чекори за обезбедување на правна и судска заштита на животната средина во Република Северна Македонија.

Во своето обраќање министерот Нуредини зборуваше за правната реформа од областа на заштитата на животната средина која Министерство за животна средина и просторно планирање интензивно ја спроведуваше во изминатиот период.

Подоследна примена на начелото „загадувачот плаќа“ како основен принцип врз кој се темелат законите во животната средина, потоа пакетот на закони со кој се регулира управувањето со отпадот, циркуларната економија како важен дел од напорите за модернизирање на економијата, дополнително унапредување на законите за квалитет на амбиентален воздух, но и процесите за заштита на природата и зголемување на површината на заштитени подрачја на ниво на државата беа основните теми за кои зборуваше Нуредини.

Настанот, како и претходните години, беше поддржан од амбасадата на Соединетите американски држави во Скопје, а во текот на настанот се обратија и академик Владо Камбовски, раководиел на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, Кејт Бирнс амбасадорка на САД во Скопје, министерот за правда Бојан Маричиќ, амбасадорот Клеменс Која, шеф на мисијата на ОБСЕ во Северна Македонија, бројни експерти од научни установи, но и од практиката како дел од Платформата за еколошка правда.