„Нема споредба помеѓу понудата на СДСМ и коалицијата и оние мрачни ликови од другата страна кои кога ветуваат нова иднина мислат на старото минато за да се дограбат до власт и да продолжат со криминал и да не одговараат. Мицкоски се издава дека е маската на Груевски, па почна да прави и шали и вицеви по теркот на неговиот ментор“ кажа премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на трибината „Најдоброто за мојата општина“ во Охрид.
Тој додаде дека мислите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се хаотични и се прашуваат што е нормално бидејќи се одлепени од реалноста. Како што кажа премиерот, тие се опасност за граѓаните и државата и опасное да им се довери да водат општини и држава.
„Додека не се реформираат, ниту смеат да дојдат на власт, ниту ние ќе го дозволиме тоа.“ кажа Заев.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ на изборите нуди само магла и конфузни најави за некакви проекти, кои се неизвесни.
„Тие имаат намера да ги искомплицираат европските интеграции, односите со соседите, односите меѓу етничките заедници. Наводните проекти на ВМРО-ДПМНЕ се неизвесни, бидејќи иднината што ја најавуваат како нова е неизвесна и опасна. Видовме колку е опасна нивната иднина за државата, граѓаните, а и вие охриѓани особено видовте колку се опасни за Охрид“ кажа Заев.
Тој рече дека Охрид беше паднат под закана на долгата рака на режимските криминалци, кои една деценија ненаситно го грабаа и распродаваа на белосветски криминалци.