25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Анастасов: Јаловишната депонија во Пробиштип станува најголема фотоволтаична централа во државата

Кандидатот за градоначалник на Општина Пробиштип на СДСМ и Коалицијата Драган Анастасов вечерва во рамките на Караванот „Најдоброто за мојата општина“ од своите сограѓани побара доверба за уште еден мандат, осврнувајќи се на сработеното во изминатите четири и плановите за наредните четири години.

„Не беше лесен патот којшто го изодевме овие години кога целиот свет е блокиран од пандемијата со КОВИД-19. Работевме, инвестиравме и помагавме на секој еден од Вас, за да може денес спокојно да разговараме за проекти за кои имаме можност да ги работиме со сопствени средства и за проекти за кој веќе сме во преговори за обезбедување на директни грантови и донации за нивна реализација“, истакна Анастасов.

Тој соопшти дека општината врати 120 милиони денари наследен долг, а истовремено инвестираше во проекти повеќе од 800 милиони денари од донации за 4 години.

„Имаме програма со приоритети кои ги таргетиравме во секојдневната комуникација која ја имавме со Вас и нескромно ќе сакам да потенцирам неколку од предвидените повеќе од 100 на кои ќе им свртиме посебно внимание“, истакна Анастасов.

Како прв приоритет го најави конечното затворање на јаловишната депонија, децениски проблем на Општината Пробиштип и најави дека до крајот на 2023 година, јаловишната депонија ќе биде затворена и санирана и таму ќе никне една од најголемите фотоволтаични централи во државата.

„Пред 4 години го ветив патниот правец Пробиштип – Злетово – Турско Рудари – Јамиште – до Спортско рекреативниот центар Пониква, и сега е реализиран, што немаше да биде возможно без поддршка од Владата“, истакна Анастасов и како втор приоритет најави пат од Пониква преку Шталковица, Турско Рудари, Злетово до Пробиштип, кој е насока на развој на Пониква, за каде веќе е донесен нов ДУП.

Меѓу поголемите проекти за наредните 4 години Анастасов најави субвенционирана реконструкција на колективните згради за домување во општината со нови енергетски ефикасни фасади и кровови по принципот 70% општината и 30% станарите, изградба на низа патишта, реконструкција на локалитетот „Пешка“ во Злетово, детска градинка во населба Пробиштип, реконструкција на Дом на култура и Кино сала во Злетово, реконструкција на Градскиот плоштад во Пробиштип и изградба на излетничко место кај браната во Пишица.

„Сега кога Општината Пробиштип е на здрав и стабилен темел, сега со чист образ и огромна почит кон Вас, стојам гордо и барам поддршка за чист мандат, обезбеден во првиот круг, со силно мнозинство на советничката листа, барам поддршка за број 12 за реален развој и раст на општината, со готови проекти и обезбедено финансирање, а не приказни за дневно политички поени“, порача кандидатот за градоначалник Општина Пробиштип Драган Анастасов.