25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Герасимовски: Имаме конкретни датуми за реализација на сите ветени проекти

Несериозно е да се кандидирате за градоначалници на општина за која не знаете со колкав буџет располага, им порача Горан Герасимовски на неговите против кандидати за градоначалници во општина Центар во денешната емисија Студио 10 на Телевизија 24 вести.

„Овде слушам примери за Словенија, а не слушнав ниту едно конкретно решение за трите клучни проблеми во Центар, а тоа се паркирањето, хигиената и урбанизмот. Сите велите планираме, ќе направиме ама во цела дискусија не слушнав каде, како, колку и до кога. И навистина е несериозно да сакаме да водиме општина и да планираме проекти, а да не знаеме каде за што колку треба да се планира, колку за спорт, колку за култура, урбанизам. Колку што знаеме буџетот е официјален податок, како тој е распределен и како се троши, го има на страната на општината“, рече Герасимовски на дебата на Телевизија 24.

Тој нагласи дека неговата програма нуди конкретни решенија особено во делот на најголемиот проблем паркирањето, со подземни, надземни и монтажни гаражи и истите се знае каде ќе бидат, со колкав капацитет и до кога ќе бидат изградени. Герасимовски исто така рече дека неговата програма е според реалните потреби на граѓаните затоа што произлегла од многуте средби со граѓаните и истражувањата на микролокациите во општината.