Воспитно образовниот процес во Северна Македонија не само што успешно се спроведува во услови на пандемија, туку МОН и другите надлежни институции успеаја да спроведат ефективни политики за унапредување на квалитетот на националниот образовен систем дури во вонредни околности за работа на училиштата.
„Новата учебна година стартуваше со примена на нов концепт за учење во раниот детски развој, зголемена интеракција и поинтересни часови во основното образование, како и забрзан процес на дигитализација, а крупни промени се направени и во средното стручно образование, преку интензивирање на воведувањето на концептот на дуално образование и доведување на образовниот систем во корелација со реалните потреби на бизнис заедницата и воопшто на општеството“, рече Санела Шкријељ, од МОН, која заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска, учествуваат на Конференција „Ново размислување за економски раст“ во Љубљана, организирана од меѓународниот Центар за извонредност во финансиите со седиште во главниот град на Словенија.
„Една од главните цели на реформите во основно образование кои МОН ги креираше преку широка јавна дискусија со учество на бројни засегнати страни е младите да се научат како да детектираат предизвици и да размислуваат во насока на изнаоѓање најдобри решенија за нивно надминување. Го заменуваме фактографското учење со учење со разбирање. Младите не смеат повеќе само да меморираат факти и податоци кои нема да им служат во секојдневието, туку треба да им се овозможи развој на когнитивните вештини кои се суштински за нивен личен просперитет и со тоа и за придонес кон напредокот на државата“, рече Шкријељ.
Шкријељ истакна дека МОН се заложи да создаде на генерации кои ќе ги апсорбираат само вистинските вредности кои всушност, и треба да ги почитува секој европски граѓанин.
„Овие вредности се од суштинско значење за секое слободно и демократско општество а се однесуваат на недискриминација, толеранција, почит кон различностите и слично“, рече Шкријељ, додавајќи дека исто така, сериозен аспект на кој се посветува внимание при едукацијата на младите е медиумската писменост и справувањето со лажните вести на кои ниту едно општество не е целосно имуно.
На настанот учествуваа неколку актуелни министри кои раководат со областите на образованието, финансиите и економијата во земјите од регионот, експерти и претставници на Европската комисија.