Од ЈСП Скопје ги информираат сите редовни студенти запишани за прв пат во учебната 2021/2022 година на некој од државните факултети во главниот град, дека имаат право на студентски годишен билет за бесплатно користење на јавен превоз.
Процедурата за издавање на билетот се врши во центрите за персонализација на ЈСП Скопје.
Неопходно е лично присуство на студентот кој треба да приложи потврда за редовен студент издадена од матичниот факултет, лична карта и индекс и 200 денари еднократен надомест за изработка на персонализирана картичка „Скопска“.
На бруцошите, билетот автоматски им важи до истекот на наредната календарска година.
Останатите студенти, за да ја продолжат важноста на билетот за 2022 година, треба да достават потврда за редовен студент не постара од еден месец и да приложат индекс со запишан зимски семестар.
Право на користење на билетот имаат сите редовни студенти на државните факултети во Скопје на додипломски студии, без ограничување на возраста.
„Потсетуваме дека единствено ‘Скопска’ со соодветниот билет е единствен валиден документ за бесплатно користење на јавен превоз од страна на студентите кои ги исполнуваат условите за студентски годишен билет. Не се признаваат индекс, потврда за редовен студент и слично“, појаснуваат од ЈСП.
Студентскиот годишен билет за бесплатен превоз важи за неограничен број возења за сите линии (градски и приградски), но не и за превоз во ноќна тарифа.
За дополнителни информации, студентите можат да се обратат на 02-3171-881, во Одделение за продажба при ЈСП Скопје, како и на фејсбук страницата на претпријатието.