25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Средба на Димитров со претставници на Европската комисија, надлежни за проширувањето со Западен Балкан

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денес оствари средба со Михаела Матуела, надлежна за Северна Македонија и Албанија ГД НЕАР во Европската комисија, која неодамна стапи на оваа функција.

Главниот фокус на состанокот беше ставен на подготвеноста и очекувањата на Северна Македонија во однос на почетокот на пристапните преговори, спроведувањето на реформите од ЕУ агендата и статусот во однос на користењето на фондовите од ИПА. Вицепремиерот Димитров посочи дека остануваме цврсто посветени на процесот на реформи во клучните области од новата методологија за пристапни преговори, што се спроведуваат и со користење на ЕУ фондовите.

Димитров: „Не постои друга алтернатива за процесот на европеизација насочен кон пренесување на европските вредности дома и за таа цел ја воведовме „Агенда: Европа дома“ и ја усвоивме НПАА 2021-2025. Овие процеси се одвиваа со целосна транспарентност и вклученост на граѓанското општество, клучните документи се целосно преструктуирани според новата кластерска методологија за пристапни преговори.“

Претставничката на ЕК Матуела истакна дека постигнатите резултати ќе имаат свој одраз во Извештајот на Комисијата за годинава и посочи дека го дели ставот за подготвеноста на Северна Македонија за почеток на пристапните преговори со ЕУ. ЕК ќе продолжи да не’ поддржува на нашиот пат кон членство во Унијата.