25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шахпаска: Унапредувањето на квалитетот на стручниот кадар е предуслов за квалитетно предучилишното образование

Подигнување на квалитетот на услугите во предучилишното образование и грижа што треба да доведе до поголеми образовни постигнувања, личен развој и социјална вклученост на децата, беше тема на денешната средба на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска со експертскиот тим кој работи на Проектот „Подигнување на квалитетот на предучилишното образование и грижа“, финансиран во рамите на Акција 4 „Образование, вработување и социјална политика“ од Акциската програма на ИПА 2017.

Министерката Шахпаска оцени дека врвен приоритет е да се обезбеди најдобриот модел, со кој ќе се унапреди квалитетот на предучилишното образование на децата, преку унапредување на квалитетот на стручниот кадар во градинките.
На средбата, министерката Шахпаска посочи дека проектот ќе придонесе за побрз професионален и кариерен развој на стручниот кадар во градинките според европските стандарди. Таа предложи воспоставување на мерит систем заснован врз објективни вредности.

„Мерит системот ќе придонесе за унапредување на улогата на стручниот кадар во градинките. Тој ќе биде заснован на вредности кои ќе гарантираат објективност. Кариерниот развој ќе биде според постигнатите резултати. Сакаме да ги градиме вредностите. Само така ќе го унапредиме квалитетот на образованието во предучилишната возраст. Тоа значи и мотивација за вработените за надградба и унапредување,“ рече министерката Шахпаска.

Воведување на систем на обуки и креирање на модели, лиценцирање на стручните лица и зајакнување на родителското учество во детските градинки, особено на родителите на деца во ризик и деца кои се социјално исклучени се дел од моделите преку кои ќе се унапредува квалитетот во предучилишното образование.