Дијалогот на МОН со бизнис-заедницата, општините и училиштата „Учи паметно, работи стручно“ ја исполни целта – учениците го препознаа средното стручно како образование што им отвора многу можности, а кај локалните самоуправи и компаниите ја зајакна свеста за потребата од вклучување во практичната обука на ученици, како решение за проблемот со квалификувани работници. Она што следи е дополнително зајакнување на системот на стручно образование, заедно со сите партнери и со меѓународна поддршка, истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска, на одбележувањето на 60 години активност на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC). Во виртуелната презентација на успешните проекти што швајцарската агенција ги поддржува на четири континенти, „Учи паметно, работи стручно“ беше посочен како успешен модел за создавање подобри услови за стручно образование и вработување за младите.
Во панел-дискусијата што по тој повод се одржа во Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, заедно со министерката Царовска учествуваа и амбасадорката Сибил Сутер и Виктор Мизо, директорот на „Костал Македонија“ и претседател на коморската асоцијација на странски компании со напредни технологии.
„Го почнавме процесот на институционална трансформација на стручното образование и со поддршка на швајцарската амбасада преку проектот ‘Образование за вработување во Северна Македонија'(Е4Е@мк) направивме навистина многу. Социјалниот дијалог меѓу бизнис-секторот, коморите, општините и училиштата даде добар и очекуван резултат. Од само 10 дуални паралелки во минатите години, оваа година се отворени 97 и во нив се запишаа 1.384 ученици, во 44 училишта. Склучени се договори со повеќе од 200 компании. Ни претстои уште многу работа на зацврстување на довербата меѓу бизнис-секторот и училиштата, со цел младите да се стекнат со знаења, вештини и искуство кои ќе им овозможат полесно вклучување на пазарот на трудот“, укажа Царовска, додавајќи дека натамошно јакнење на системот на дуално образование и негово прилагодување на современите производствени трендови ќе се постигне и со нов Закон за средно стручно образование.
Годинава Министерството за образование и наука ја промени и политиката за стипендирање на учениците од средното стручно образование, што исто така придонесе за зголемување на атрактивноста на овие училишта и за зголемување на бројот на ученици кои ги одбраа средните стручни училишта за 6%, споредено со минатата година. Обезбедени се 2.000 стипендии во месечен износ од 3.500 за 9 месеци во годината за сите кои се запишани во дуална паралелка или тригодишно средно стручно образование, а кои ги исполнуваат условите од конкурсите објавени за оваа намена.
Министерството за образование и наука заедно со швајцарската амбасада и со швајцарскиот проект „Образование за вработување во Северна Македонија“(Е4Е@мк) во следните 5 години ќе ги интензивира вложувањата во развојот на средното стручно образование во државата со што директно се влијае на зголемување на младинската вработливост.