По повод 30. годишнина на независноста, денеска во Скопје беше промовирана книгата „Сами на своето – кратка историја на македонската независност (1990-1993)“ од Мишо Докмановиќ, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
„Сами на своето“ е посветена на најтурбулентниот период во поновата македонска историја – периодот од започнувањето на транзицијата на политичкиот и економскиот систем до приемот на земјата во членство на ОН, во април 1993 година, како заокружување на процесот на меѓународното признавање. Балканското „јаболко на раздорот“ се најде исправено пред бројни предизвици и искушенија во процесот на остварувањето на своето осамостојување, како на внатрешен така и на меѓународен план, а во поголемиот дел на овој период, Македонија беше оставена да биде „сама на своето“ – без меѓународно признавање, без финансиска поддршка, во опасно опкружување и речиси без воени сили.
На промоцијата на книгата се обратија проф. д-р Рената Дескоска и авторот проф. д-р Мишо Докмановиќ.
Промоторот на монографијата, проф. д-р Рената Дескоска, нагласи дека оваа книга е извонредно и вредно четиво за креаторите на политиката бидејќи содржи историски лекции и поуки чие познавање е клучно за поуспешно водење на политичките процеси, заради тоа што „политика без политичка меморија“ чекори по потешкиот пат. Но, оваа книга е значајна и за научната, стручната, но и пошироката јавност бидејќи на едно место, на јасен, разбирлив и лесно читлив начин е даден темелен пресек на политичките, правните и меѓународните односи во периодот на остварувањето на македонската независност.
Авторот проф. Докмановиќ потенцираше дека книгата не тежнее да наоѓа виновници, губитници и победници. „Сами на своето“ е еден обид да се прикажат клучните предизвици со кои се соочи земјата во едни исклучително комплексни услови. Разбирањето на овие настани, процеси и трендови треба да ни овозможи полесно да ја сфатиме и комплексната ситуација во која денес се наоѓаме и по можност да создадеме нова иднина, без да ги повторуваме сопствените грешки.
Книгата е објавена во издание на Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје, а во електронска форма ќе може бесплатно да се преземе од следниот линкЧ:
https://library.fes.de/pdf-files/bueros/skopje/18268.pdf