Заврши рокот за аплицирање за финансиска поддршка од ИПАРД 2 програмата односно од мерка 7„ Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“. До денеска, до АФПЗРР, пристигнати се вкупно 198 апликации со вкупна побарана сума од 25,7 милиони евра. Но, се очекува во наредните денови овој број да порасне затоа што апликациите кои се пратени по пошта треба допрва да пристигнат.
Директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски, вели дека интересот за реализација на проекти и на овој повик е голем. Тоа е добар показател дека домашните претпријатија имаат идеа како да ги модернизираат постојните и да отвораат нови погони кои позитивно ќе се одразат на домашната економија и на невработеноста.
„Согласно досега пристигнатите барања, најмногу интерес за реализација на проекти кои ќе бидат поддржани со средства од ИПАРД 2 има за секторот алтернативно производство, и за овој сектор има пристигнати 92 апликации. 41 апликација има пристигнато за инвестиции во сектор не-прехрамбени производи, за секторот рурален туризам има пристигнати 37 барања за реализација на проекти за развој на руралниот туризм..За проекти и инвестиции во производство на прехрамбени производи и пијалоци има пристигнати 19 апликации, четири барања има пристигнати за инвестиции во обезбедеување на услуги во земјоделството, три апликации има пристигнато за реализација на проекти за инвестиции во услуги за рурално неаселение, и две апликации има пристигнати за реализација на проекти, односно инвестиции во занаетчиски дејности.“ – истакна Бачовски.
Апликантите имаа рок од 45 дена за прибирање на целокупната потребна документација за подготовка на предлог проектите. Преку мерката „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“ на располагање се над 13,5 милиони евра. Финансиската поддршка по корисник се движи од од 1.500 до 1.000.000 евра, не вклучувајќи го данокот на додадена вредност. Повратот на инвестициите е во висина до 65% од вкупните прифатливи трошоци.
Со помош на средствата од ИПАРД 2 програмата, физичките и правните лица имаат можност да ги модернизираат постојните или да отвораат нови микро и мали претпријатија кои ќе помогнат домашните земјоделски производи да добијат додадена вредност. Преку оваа мерка има можност и да се развива руралниот туризам, како и да се прави негова промоција.
Преку оваа мерка се создаваат услови да се развиваат руралните подрачја, a граѓаните добиваат можност да ги развиваат и руралните средини како и да отвораат нови работни места. Претпријата кои веќе имаат реализирано инвестиции и проекти преку Мерката 7, „Диверзификација на фарми и развој на мали бизнизи“ го зголемиле производството, ги модернизирале капацитетите а со новите повици планираат да воведат нови инвестиции за да ја прошират лепезата на производи.