23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Вишото јавно обвинителство побара да се одбијат како неосновани жалбите на обвинетите во „Транспортер“

Вишото јавно обвинителство Скопје побара да се одбијат како неосновани жалбите поднесени од поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талевски и останатите осудени во предметот „Транспортер“, во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра. ​

Талевски е осуден на осум години затвор за злоупотреба на службената положба, десет обвинети со него се осудени на вкупно 28,9 години казна затвор, а останатите десет пак добија по две години условна казна затвор која ќе се активира доколку некој од нив стори кривично дело во рок од пет години.

„По донесување на Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во предметот во јавноста познат како ‘Транспортер’, поднесени се жалби од обвинетите и нивните бранители по сите жалбени основи. Тие бараат првостепената пресуда да се укине и предметот да се врати на повторно разгледување и одлучување. Јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје по извршениот увид во списите на предметот и сеопфатна анализа на доказите, до Апелациониот суд Скопје достави предлог во однос на поднесените жалби.

Имено, Вишото јавно обвинителство Скопје смета дека при донесување на пресудата, Основниот кривичен суд Скопје правилно ги утврдил околностите по однос на времето, местото и начинот на извршувањето на кривичните дела, меѓусебната комуникација на обвинетите, нивните врски, како и начинот на преземање на инкриминираните дејствија. Оттука, Вишото јавно обвинителство Скопје цени дека Судот правилно ги одмерил досудените казни ефективен затвор на обвинетите лица.

Истовремено, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Жалба на донесената пресуда за обвинетите, барајќи од надлежниот суд на лицата на кои им е изречена ефективна казна затвор да им изрече повисоки казни, а на оние обвинети на кои со пресудата им се изречени алтернативни мерки, односно условни осуди, надлежниот суд да им изрече соодветни затворски казни. Воедно, обвинителството со Жалбата му предлага на судот немасто конфискувана имотна корист во износ од 695.611,оо денари од едно од правните лица, да се конфискува имотна корист во износ од 857.637,00 денари.

Вишото јавно обвинителство Скопје по целосно разгледување на предметот делумно ја уважи Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Повисокото обвинителство ја прифати жалбата во делот на обвинети кои се осудени како соизвршители, со оглед на тоа што без нивните дејствија не би можело да се исполнат обележјата на кривичното дело што им се става на товар на обвинетите , ниту пак превозниците би прибавиле противправна имотна корист. Жалбата е прифатена и во делот изречената казна под законскиот минимум за дел од превозниците. Исто така Вишото јавно обвинителство Скопје ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во делот на конфискуваната имотна корист, сметајќи дека во пресудата износот на конфискуваната имотна корист треба да биде 857.637,00 денари.

Вишото јавно обвинителство Скопје не ги прифати поднесените жалбени наводи на Основното јавно обвинителство за гонење на органзииран криминал и корупција кои се однесуваа на барање за зголемување на висината на изречените казни ефективен затвор на останатите обвинети“, се наведува во соопштението од Вишото обвинителство.

Можеби ќе ве интересира

Нема елементи на детска порнографија и простор за постапување за настанот на Прв скопски извиднички одред, велат од обвинителството

M T