Во петте основни училишта со ресурсен центар во тек се јавни огласи за вработување на 500 образовни асистенти, кои од есен ќе им бидат поддршка на учениците со атипичен развој вклучени во редовна настава. На огласите можат да се јават сите лица кои имаат завршено образование за: Специјален едукатор и рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник, социјален и рехабилитациски педагог, како и оние кои исполнуваат услови за наставник во одделенска и предметна настава.
Образовните асистенти ќе бидат фокусирани на обезбедување квалитетно образование на ученикот преку соработка со наставниците и родителите/старателите, со стручните работници и инклузивниот тим кој се грижи за ученикот. Тие истовремено треба да ја поттикнуваат соработката меѓу децата и заедницата.
Месечните примања согласно огласите изнесуваат 24.208 денари. Од вкупно 40 работни часови неделно, образовните асистенти треба 20 до 30 часа да посветат на директна поддршка на ученикот и наставникот, а останатите за подготовка и организација на сопствената работа.
Огласите покрај објавите во јавните гласила, може да се поггледнат и на интернет страниците на Основните училишта со ресурсен центар.