23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пендаровски го потпиша Указот за Законот за автопатишта

Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, информираа од неговиот кабинет.

Во писменото соопштение од Пендаровски стои дека Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник или пратеничка група не гласале против.

„Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот можат да се обратат до Уставниот суд кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти“, пишува во соопштението од Пендаровски.

Инаку, од Државната комисија за спречување на корупцијата побараа претседателот да не го потпишува Указот за специјалниот закон за градење автопати. Од оваа институција сметаат дека постои висок ризик од корупција и како што беше посочено, од таму тоa е правен преседан.

ДКСК смета дека законот ги крши уставните начела за слобода на пазарот, како и начелото дека државата ќе преземе мерки против монополската положба.

Антикорупционерите сметаат дека законот има правни празнини, отворен простор за субјективизам, политичко влијание, а самото донесување по скратена постапка како целина е висок фактор и ризик за корупција.