„Ми претставува особена чест и задоволство што денес на лицата со оштетен вид и на членовите на Националниот сојуз на слепи можам да им соопштам дека Апликацијата Аудио читач е готова и можат да ја користат“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во своето обраќање по повод започнување со употреба на првата мобилна апликација, Аудио читач за слепи лица и лица со оштетен вид.
Министерката Шахпаска потенцираше дека со Аудио читачот, слепите лица во Република Северна Македонија ЗА ПРВ ПАТ, добиваат функционална, современа и практична алатка која им овозможува поголема независност во нивните активности од секојдневниот живот. Како и дека тој претставува круна на заедничкиот проект на Министерството за труд и социјална политика, УНДП и Националниот сојуз на слепи.
„Аудио читачот на македонски јазик кој е наречен „Кико“, е веќе готов и овозможува пишаниот текст да се слушне и разбере во аудио верзија. Во финална фаза е и Хана – албанската верзија, која наскоро ќе биде достапна и за граѓаните чиј мајчин јазик е албанскиот“, рече Шахпаска.
Министерката информираше дека апликацијата е достапна во мобилна и десктоп верзија креирана согласно современите технолошки трендови. Притоа, потенцираше дека за разлика од досегашните апликации од други земји, кои користеа роботски глас, тешко разбирлив и несоодветен за слепите лица , новиот аудио читач е апликација лесно разбирлива со природен глас, на литературен македонски јазик.
Освен лицата со оштетен вид, апликацијата „Кико“ може да ја користат и лицата со потешкотии во учењето, лицата со дислексија и сите оние кои информациите најдобро ги разбираат во аудио формат.
„Аудио читачот има огромно значење затоа што ќе им го промени животот на најмалку 3000 слепи лица само во нашата држава. Слепите лица ќе бидат подобро информирани, активно ќе бидат вклучени во општественото живеење и најважно од се ќе бидат независни“, посочи министерката Шахпаска.
Пристапот до апликацијата е едноставен. Доволно е да се пристапи на Google Play Store и да се симне апликацијата RHVoice. Откако ќе се инсталира оваа апликација потребно е да се одбере „македонски“ на листата со јазици, веднаш до називот „Кико“.
„Градиме политики и преземаме активности за да одговориме на нивните потреби.
Мотото на лицата со попреченост „ништо за нас – без нас“ е основата на која се темелат нашите политики кои ги градиме заедно со лицата со попреченост.
Продолжуваме со нашите заложби во градењето на општество со еднакви можности за сите граѓани. Општество кое ќе интегрира и вклучува, а не општество кое ќе дискриминира и исклучува.
За нас секој граѓанин е важен и никој не смее да биде изоставен“, истакна министерката Шахпаска.
На настанот присуствуваа Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, Постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, УНДП, Нарине Сахакјан, Претседателот на Сојузот на слепи лица Жарко Селковски, членови на Сојузот за слепи лица и други гости.