Го поздравувам чекорот на СДСМ да ја поддржи резолуцијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието. Резолуцијата ги содржи националните црвени линии, од кои ниту една влада не смее да отстапи, напиша статус на својот „Фејсбук“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги обединува сите општествени и политички фактори и да биде носечкиот столб за заштита на националното ткиво и стратешки цели на Македонија. Покажуваме дека обединети сме посилни“, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој во својот статус им се заблагодарува на МАНУ, УКИМ и на МПЦ-ОА за, како што потенцира, нивниот придонес во создавањето на текстот на резолуцијата.
Мицкоски изразува благодарност и до сите политички партии, и од опозицијата и од владејачкото мнозинство, кои, како што пишува, биле спремни да ја поддржат резолуцијата.
Изрази надеж дека изјавата од СДСМ е искрена и се базира на сериозните аргументи што тие како партија ги понудиле.
„Доколку СДСМ не постапи според денес кажаното или доколку се обиде преку процедурални собраниски трикови да го закочи носењето на оваа резолуција, тогаш ќе направаи штета за Македонија. Време е Македонија да престане со лошата пазарџиска дипломатија. Македонија има повеќе ум и мудрост од сѐ што видовме досега“, напиша Мицкоски.