23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Николовски на брифинг со медиумите: СДСМ ќе има најдобра понуда и за советнички листи, отворени и за луѓе надвор од партијата

,,Во тек е внатрепартиската постапка во СДСМ за избор на кандидати за градоначалници и советници, имаме транспарентна, отворена постапка и за луѓе кои не се членови на партијата. СДСМ се докажа како инклузивна и партија отворена за нови идеи, нова енергија, рече на денешниот брифинг генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски

-Досега имаме 562 кандидати за градоначалници и 4.530 кандидати за советници. Самиот број покажува дека овој голем интерес е поради тоа што СДСМ е фаворит на изборите.

Тој рече дека освен анкети и истражувања на јавното мислење прават и анкети на мислењето на секој член на СДСМ со помош на дигиталната база. 

-Нашата внатрепартиска демократија и тука се гледа, почнуваме од најниските организации, месните организации. Внимаваме на вредностите, на родовата и младинската застапеност согласно статутот на партијата, односно 50 отсто застапеност на жени (поставени наизменично во редоследот) и 33 отсто, односно една третина млади.  На концептот едно општество за сите, односно застапеност на советници и советнички од останати етнички заедници, лица со попреченост и слично, рече тој.

Според него СДСМ и на овие локални избори излегува со најдобрата понуда за секоја општина и преку кандидатите за градоначалници, но и преку листите за советници, кои ќе бидат отворени и за луѓе кои не се членови на партијата но ги делат социјалдемократските вредности и уживаат углед во околината во која живеат.