23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бизнис-заедницата и факултетите во дијалог за приближување на барањата на пазарот на трудот

Министерството за образование и наука го продолжува дијалогот со бизнис заедницата, а факултетите ќе бидат активно вклучени во процесот на приближување на високото образование на барањата на пазарот на трудот. Заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани во обраќањето на Конференцијата „Високото образование и бизнисот – заеднички предизвици и приоритети“ рече дека овој дијалог е продолжение на соработката што МОН ја имаше со стопанските комори во процесот на утврдување на потребите на компаниите и креирање на нови струки во средните стручни училишта, за кои уписите се во тек.

„Преку кампањата ‘Учи паметно, работи стручно’, поддржана од Амбасадата на Швајцарија создаваме средно стручно образование кое, особено преку дуалното образование, ќе обезбеди кадар баран од компаниите, но и зголемување на можностите за вработување на младите. Истовремено ова е солидна основа за продолжување на образованието на високообразовните установи посебно на техничките факултети, кои изминатиот период беа помалку атрактивни за младите“, нагласи Шабани.

Во првата фаза од кампањата, преку интензивен дијалог меѓу МОН, локалните самоуправи, училиштата и бизнис заедницата беа идентификувани потребите од отворање на одредени профили и паралелки во секоја од општините, согласно состојбите на локалниот пазар на работна сила. И уписната политика за учебната 2021/2022 беше креирана согласно тие потреби. Во втората фаза, средните училишта ги презентираат пред идните средношколци сите новини, придобивки и можности кои ги нуди стручното образование, информираат од МОН.

„Се оформија 97 паралелки во 46 средни училишта кои заедно со над 200 компании ќе спроведуваат концепт на дуално образование, кој е интересен за младите затоа што се фокусира повеќе на практична обука на работно место, наместо на изучување теорија во училница. Со новата политика на стипендирање, за учебната 2021/2022година, предвидуваме 2000 стипендии во вредност од 3.500 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината за сите кои ќе се запишат во дуална паралелка и тоа е одличен мотив за додека се учи, истовремено и се остварува приход, кој и тоа како им значи на младите. Сепак, најголем мотив за изборот на средното стручно образование треба да биде веројатноста за брзо ангажирање на пристојно и добро платено работно место, за обезбедување на економска независност од семејството што ќе одговара на европскиот просек за осамостојување“, потенцираше Шабани.

Тој потсети дека е зголемен бројот на паралелки за средно стручно образование за 5% и од вкупно 30 илјади слободни места по конкурс, речиси 20 илјади се наменети за стручно образование.