27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Николовски-Брнз: Актите на претседателот Бајден се охрабрувачки пораки за стабилен и просперитетен Западен Балкан

Заменик на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, денеска имаше средба со амбасадорката на САД, Кејт Брнз. На средбата, фокусот беше ставен на Извршната наредба издадена од Претседателот Бајден, со која им се дава овластување на сојузните власти да блокираат имот и да им забранат влез на сите лица за кои администрацијата во Вашингтон ќе оцени дека работат на дестабилизација и против клучните договори во регионот на Западниот Балкан, вклучително и Северна Македонија.

Вицепремиерот Николовски изрази задоволство што во Извршната наредба е ставен фокус и на борбата против корупцијата, што е еден од врвните приоритети на Република Северна Македонија. Во тој контекст, вицепремиерот Николовски ја информираше амбасадорката Брнз за мерките и активностите што Владата на РСМ ги презема за спречување на корупцијата, како и за реализацијата на владиниот План за борба против корупција.

Амбасадорката Брнз ја потенцираше важноста од преземање мерки за борба против корупцијата, што е во интерес на сите граѓани на Северна Македонија, но истовремено е важно за евроинтеграцискиот напредок на државата. Исто така, амбасадорката Брнз, ја потврди поддршката на САД за Северна Македонија и нејзните граѓани на евроатланскиот пат.