22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: 25 и 28 јуни се дополнителни термини за матурантите кои се во изолација

Денеска започна полагањето на државната матура за учебната 2020/2021 година.

Министерската за образование, Мила Царовска, во порака до матурантите вели дека за оние кои се пријавени да полагаат, но во моментов се спречени поради изолација, предвидени се дополнителни термини на 25 и 28 јуни.

Учениците кои го завршуваат средното образование и се пријавени за државната матура, денеска од 10 часот го полагаат првиот екстерен испит – мајчин јазик, кој е задолжителен за сите 15.294 кандидати колку што се пријавени за матурата во оваа учебна година. Вториот екстерен испит, кој е изборен, е закажан за 11 јуни.

Минатата година матурата не беше организирана поради пандемијата, а за оваа година е утврден здравствен протокол за деновите на полагањето.

„Од страна на надлежните институции, обезбедени се сите предуслови за средношколците од завршната четврта година да го остварат ова свое право, без притоа да биде загрозено нивното лично, но и јавното здравје, имајќи предвид дека годинава, пандемијата наметна потреба од дополнителни напори и активности за организација на процесот“, посочува министерката.

Таа им посака среќа на сите, над 15 илјади, ученици кои се пријавени да полагаат државна матура.

„Знам дека, не само што нема да отстапите од зацртаните цели, кои се остваруваат исклучиво со стекнување и примена на знаење, туку постојано ќе целите и кон повисоки работи во животот и ќе станете гордост на државата која и во иднина ќе продолжи да се грижи за Вас и да создава можности за целосно остварување на Вашиот личен потенцијал“, нагласи Царовска.