23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Со поддршка на ОКТА отворено ново инклузивно игралиште во општина Аеродром

Компанијата ОКТА во соработка со Фондацијата „Чекор по чекор“ и општина Аеродром, донираше ново инклузивно игралиште во основното училиште „Лазо Ангеловски“. Игралиштето нуди пристап и за децата со попреченост, со што се поттикнува нивна поголема инклузивност во наставата и во слободните активности. Донацијата, која е реализирана со финансиска поддршка од компанијата ОКТА и од Општина Аеродром, е дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, чија цел е да обезбеди целосна и рамноправна вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта, а со тоа да се овозможи и нивно поквалитетно образование.

„ОКТА како општествено одговорна компанија, со задоволство се вклучи во овој проект за подобрување на условите за едукација и рекреација на сите деца. Свесни сме дека подобра иднина е можна само доколку сите заедно учествуваме во нејзината изградба. За нас е важно да бидеме дел од напредокот, особено кога се работи за најмладите. Децата со попреченост заслужуваат можности со кои полесно ќе се интегрираат во образованието и во заедницата. Токму затоа и понатаму ќе продолжиме да го поддржуваме создавањето еднакви можности во образованието за сите деца“, истакна Вук Радовиќ, главен извршен директор на ОКТА.

 

Општина Аеродром во континуитет работи на подобрување на условите во училиштата, со посебен акцент на децата со попреченост, создавајќи услови за што поголема инклузија на овие ученици и нивно поврзување со врсниците.

„Ние како институција максимално се залагаме за инклузивно образование. Работиме во насока на градење еднакви услови за образование, за сите деца да имаат еднаков пристап до училиштата, детските и спортските игралишта. Им благодарам од срце на компанијата ОКТА и Фондацијата Чекор по чекор за ова инклузивно игралиште. Со наша поддршка на проектот Биди ИН ќе се изгради и отворено инклузивно игралиште во основното училиште „Љубен Лапе“, како и две сензорни училници во училиштата „Ѓорѓија Пулевски“ и „Блаже Конески“. Само преку ваква заедничка соработка меѓу граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и државните институции можеме да ги подобруваме условите за нашите ученици и да создадеме подобар свет за сите“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, покрај обезбедување рамноправна вклученост на децата со попреченост во редовните училишта, обезбедува и стипендии за оваа категорија ученици, полесен пристап до училиштата, како и туторска поддршка за децата стипендисти на проектот.

 

„Како дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, во соработката со ОКТА и Општина Аеродром, отвораме инклузивно игралиште во најголемото училиште, во најбројната општина во главниот град. Ова игралиште е пристапно и за децата со попреченост, и ќе биде симбол на инклузија, соживот и прифаќање. Нашата Фондација ја продолжува својата мисија за квалитетно образование за секое дете во државата. Да бидеме инклузивни!”, изјави Сузана Киранџиска, извршна директорка на Фондацијата „Чекор по чекор“.

Перо Арсеновски, директор на училиштето „Лазо Ангеловски“, го потенцираше значењето на ова игралиште за децата со попреченост и во насока на нивна поголема вклученост во образовниот процес.

Поддршката на образованието е еден од главните елементи во стратегијата за општествена одговорност на ОКТА. Покрај донацијата на игралиштето во општина Аеродром, до крајот на годината, во рамки на овој проект, компанијата ќе поддржи изградба на уште две вакви игралишта во земјава.