24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: Младите се интересираат за развој на бизнис-идеи и иновации

Младите сакаат предизвици. Сакаат да стекнуваат знаења, особено од областа на претприемаштвото и потоа да ги искористат паметно за создавање креативни бизнис-идеи и идеи за иновации. Остварувањето, пак, на тие идеи, всушност значи исполнување големи детски соништа и создавање идни креатори и двигатели на процесите и позитивните промени во општеството. Ова го истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска, за време на денешниот завршен настан во рамките на Националниот натпревар на ученички компании, што веќе неколку години го организира „Јуниор ачивмент, на кој беа прогласени победниците за учебната 2020/2021 година.

Царовска изрази задоволство што вторпат има можност да учествува на прогласување победници на натпреварот и додаде дека ваквите натпревари го развиваат индивидуалниот и колективниот натпреварувачки дух, истрајноста, личната свест и одговорност, како и способноста за тимска работа, што, како што посочи, се особено важни вредности што треба да се втемелат при изградбата на секој карактер бидејќи се основа за поставување и остварување цели и добри резултати на приватен и професионален план.

„Ова е еден од моментите низ кои се гледа дека Северна Македонија има голем кадровски потенцијал. Во државата има млади што се гарант за нејзина добра иднина и тие треба да бидат поддржани, нивниот труд и желба за развој да бидат стимулирани. А како институции на системот во соработка со граѓанскиот сектор, но и нашите меѓународни партнери што работат на остварување на глобалните цели за одржлив развој, токму тоа и го правиме“, рече Царовска додавајќи дека е убедена оти младите ги препознаваат сите нови можности што државата ги креира за ни,в особено во последните 3-4 години.

Министерката ги поздрави сите учесници на натпреварот, а им честита на успехот на оние што стигнаа до финалето.

„Верувам дека секој очекува да го чуе своето име меѓу победниците. Но, запомнете – сите сте вие победници и гордост со која можеме да му се пофалиме на светот. Продолжете да се натпреварувате и во иднина, во границите на сопствената земја, но и надвор од неа покажете дека нашата татковина го има највредното – паметна и перспективна младина“, потенцира Царовска.

На Националниот натпревар на ученички компании годинава учествуваа 23 ученички компании од 14 средни училишта од земјава. Првото место го освои ученичката компанија LifePal“од гимназијата „Никола Карев“ од Скопје, која нуди интересно и практично решение за непредвидливи ситуации од секојдневниот живот на училиште, работа или при рекреација. Неопходните сетови претставуваат мали пакетчиња составени од неколку производи, кои ќе бидат лесно достапни преку поставени вендинг-машини. Второто место го освои ученичката компанија TechBook од гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Скопје, која понуди паметна тетратка и веб-страница, а третото место го освои ученичката компанија Grow Green од СУГС „Кочо Рацин“ од Скопје, која разви идеја за екокафетерија, чии производи се биоразградливи и еколошки.

Победничката компанија ќе има можност да се претстави на Европскиот натпревар на ученички компании, што го организираат „Јуниор ачивмент Европа“ и „Јуниор ачивмент Литванија“.

Организаторот на натпреварот оваа година додели и награда за најдобра презентација на производот или услугата преку социјалните мрежи, на ученичката компанија Health Activity Providers од ССОУ „Димитрија Чуповски“ од Велес. За посветеноста во работењето во програмата беа доделени и наградите за најдобар наставник на Снежана Бошковска од гимназијата „Никола Карев“ од Скопје и најпретприемничко училиште СОЕПТУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Прилеп. Првпат „Јуниор ачивмент Македонија“ додели и награда за најдобар есеј за етичка дилема во бизнис на ученикот Давид Арсовски од СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“.